• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

07.02.2019 година

KP

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски, претседателот на Синдикалната организација при Општина Крива Паланка, Зоран Павловски и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски го потпишаа Колективниот договор за административните службеници и другите вработени во Општина Крива Паланка. Со него се уредуваат статусот, правата, обврските и одговорностите и други прашања во врска со работниот однос на државните службеници и другите вработени во Општината Крива Паланка.

 

Колективниот договор за административните службеници и другите вработени во Општина Крива Паланка содржи општи одредби, обврски на вработените, права на вработените и нивната положба, плата, надоместоци на плата и други примања, услови за работа и делување на синдикалната организација, одредби за остварувањето на право на штрајк, одредби за одговорност за вршење на работите и работните задачи, како и одговорност на вработените кои вршат помошно - технички работи, но и други важни прашања поврзани со правата на вработените во општината.

Во оваа прилика по потпишувањето на Колективниот дооговор претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски рече дека потпишувањето на колективниот договор во општина Крива Паланка е заокружување на активностите кои траеја скоро седум месеци. До конечниот текст, рече тој, дојдовме после неколку преговори. Од постигнатото сме задоволни иако Синдикатот имаше барања за поголеми права во делот на надоместоците, но ги прифативме аргументите на работодавачот и искажаната подготвеност, во прва прилика да се договориме за уште поголеми права од моментално договорените.

Градоначалникот Мицевски рече дека ова е значаен ден и за Општина Крива Паланка, која денес, за првпат потпишува колективен договор за административните службеници и други вработени во Општината.

,,Ние сме петтата општина во Република Македонија, која успеа да потпише ваков договор, кој е резултат на досегашните заеднички активности и залагања помеѓу договорните страни, а се во насока на изнаоѓање на заедничко прифатливо решение,  регулирање и унапредување  на законските права на вработените во Општина Крива Паланка”, истакна градоначалникот Мицевски.

Инаку, во Колективниот договор за административните службеници и другите вработени во Општина Крива Паланка во делот правата на вработените и нивната положба се регулираат и правата за работно време, работа во неработни денови, паузи, одмори и отсуства, годишен одмор, критериуми за утврдување на годишниот одмор, платено отсуство и неплатено отсуство.  

Делот од Колективниот договор со кој се утврдува плата и надоместоци на плата и други примања е многу важен дел за стимулирање на вработенните и исполнување на нивните работни ангажмани. Тој содржи регулирање на додаток на плата за ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа, надоместување на трошоци поврзани со работата, плата за време на привремена неспособност за работа, плата за време на годишен одмор и специјализирана обука, плата за време на суспензија, плата за време на штрајк и плата на другите вработени во Општината.

За непречено и активно работење на синдикалната организација многу значаен е делот каде што се регулираат условите за работа и делување на синдикалната организација при што е наведено дека работодавачот е должен да создаде услови за работа на репрезентативната синдикална организација во врска со заштитата на правата на вработените од работниот однос, утврдени со закон, и со овој колективен договор.

И правото на штрајк на вработените е дел од Договорот со што се наведува дека вработените во Општината го остваруваат во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за работните односи, Законот за локалната самоуправа, актите на Синдикатот и овој Колективен договор.

Во потпишаниот Колективен договор за административните службеници и другите вработени во Општина Крива Паланка уште се регулираат и дисциплинската и материјална одговорност, надоместокот за причинета штета, постапката за утврдување на материјална одговорност, како и надоместок за претрпена штета. Пропишани се и начините на мирно решавање на работните спорови, како и начините на изменување, дополнување, толкување и следење на примената на колективниот договор.  

Колективниот договор е задолжителен и обврзувачки за вработените и работодавачот и тие како договорни страни, треба во целост  да ги применуваат одредбите кои се однесуваат на нивните права и обврски.