• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

14.02.2019 година

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ на јавната расправа по Предлог-законот за извршување на санкциите ги изнесоа своите забелешки по однос на бенефицираниот стаж,  постапката за оценување, додатоците на плата, унапредувањето на вработените во казнено и воспитно поправните установи и други прашања со цел подобрување на законското решение.

На Шеесет и втората седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на Република Македонија која се одржа на 13.02.2019 година, а на која на дневен ред беше јавната расправа по Предлог-законот за извршување на санкциите, учество зеде и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) претставен од генералниот секретар Трпе Деаноски, како и претстедателот на Одборот на Казнено - поправните установи и Воспитно - поправните установи, Звонимир Бошњак. На јавната дебата учествуваа и пратеници, невладини организации, синдикати, институции и други засегнати страни.

 

Во врска со Предлог - законот за извршување на санкциите, генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Деаноски ги истакна забелешките од страна на Синдикатот при што се задржа на неколку клучни прашања. Тој во своето излагање особен акцент стави на правото на бенефициран стаж, заложувајќи се притоа бенефицираниот стаж да важи за сите вработени во Казнено -  поправните установи и Воспитно - поправните установи.

Не помалку важен е и делот на постапката за оценување. Генералниот секретар рече дека наша забелешка како Синдикат е, и побара да се направат измени, во Предлог - законот да се предвиди и награда за добиена оценка ,,особено се истакнува” за затворските полицајци. Исто така, тој побара да се усогласат и додатоците на плата со Општиот колективен договор во јавниот сектор. Во однос на унапредувањето на вработените беше посочено дека е потребно поголемо користење на праксата на интерните огалси за полесно унапредување на вработените на сметка на ново вработените.

Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски исто така потенцираше дека е потребно да се зголемат и годишните обуки и едукацијата на вработените, но и конечно да се реши прашањето со опремата и условите во кои работат вработените во затворите.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) е свесен дека системот на извршување на санкциите претставува комплексна и чувствителна материја која ги регулира правата на осудените лица и децата, и дека заради тоа е неопходно негово постојано надградување и усовршување, како и усогласување со меѓународните стандарди и најдобрите практики од областа на извршувањето на санкциите, и токму во таа насока беше заложбата и учеството на јавната дебата по Предлог - законот за извршување на санкции.