• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

06.03.2019 година

Највисокиот орган на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Претседателството, на одржаната седница го усвои Извештајот за работа на Синдикатот за 2018 година, како и Програмата за 2019 година.

Во минатата година Претседателството на Синдикатот на УПОЗ одржа пет седници на кои разгледуваше, одлучуваше, утврдуваше ставови, мислења и предлози по значајни прашања во врска со работата на Синдикатот, а на седниците се водеа конструктивни расправи.

Една од поактивните во минатата година беше Комисијата за Солидарен фонд која одржа осум седници и која што согласно со Правилникот за доделување парична помош од Солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ на РМ разгледа многу барања и имаше полни раце работа за да им излезе во пресрет на сите оние кои имаа потреба од помош.

Многу наши колеги синдикалци ја искористија можноста, согласно со Правилникот за доделување парична помош од Солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ на РМ да остварат право на: парична помош за подолготрајно боледување; парична помош за лекување; парична помош за лекови и медицински помагала; парична помош во случај на загрозена материјална состојба на членот на Фондот; парична помош за новороденче; парична помош за прваче; парична помош за потешки последици од елементарни непогоди; парична помош за смрт на член на Фондот и смрт на член на неговото потесно семејство; парична помош за заминување во пензија; парична помош во случај на штрајк; парична помош во случај на отказ или претрпени финансиски последици поради синдикални активности; како и право на парична позајмица.

На седниците на Комисијата за Солидарен фонд во минатат година беа разгледани 666 барања по сите основи, a беа исплатени 2.484.800,00 денари неповратна помош и 2.068.126,00 денари како бескаматни позајмици. 

Да потсетиме. Правото за користење на неповратни средства од Фондот по горе наведените основи може да се оствари само еднаш во годината (еднократно) по било кој основ, освен во случаи кога се работи за барања за парична помош за новороденче, парична помош за прваче, парична помош за заминување во пензија, парична помош за смрт на член на Синдикатот или член на неговото потесно семејство и парична помош за елементарна непогода. Освен позајмицата, паричната помош по сите други основи е неповратна. Корисници на средствата на Фондот се сите членови на Синдикатот на УПОЗ кои уплатуваат средства согласно со Одлуката за финансирање, а правото на користење средства се стекнува после шест месеци членување.

И во годинава што веќе тече грижата за членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) ќе продолжи како што ќе продолжат и нашите заложби за подобрување на работничките права.