• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

27.04.2019 година

sl1

Денеска е денот кога во спомен на жртвите во Чикаго, благодарение на кои добивме осумчасовно работно време и благодарение на кои штрајкот влезе на голема врата во борбата за работничките права, честитајќи Ви го 1 мај-Денот на трудот, сакаме да потсетиме на неколку наши борби.

А кога е штрајкот во прашање нескромно ќе потенцираме дека лидер во држава по број на штрајкови е токму Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ).

 Синдикатот на УПОЗ е познат во јавноста особено по организираните штрајкови во правосудните органи за зголемување на платите во 1997 и 2000-2001 година, по генералниот штрајк на вработените од јавниот сектор во 2002 година, а последен во низата е штрајкот во 2016 година. Нема овде да застанеме и нема да се откажеме од ништо кое што ни следува и кое што е наше право.

На овој пригоден трудбенички ден ќе ве вратиме годиниве наназад кога не само 1 мај туку и 2 мај беше наш ден и во спомен на тие минати времиња поднесовме иницијатива и 2 Мај да биде прогласен за државен празник бидејќи Република Северна Македонија има долга историја на прославување и одбележување на овој датум од историјата на работничкото движење кој се прекина во 2007-та година со промена на Законот за празниците. Овој датум е прифатен и традиционално редовно во светот се организираат демонстрации во знак на одбележување на Меѓународен ден на трудот. 

Покрај ова, потсетуваме дека во иницијативата за измена на Законот за празниците побаравме и 2 јануари повторно да се врати на агендата на дражвните празници со аргументација дека во овој период од годината, работните процеси се сведени на минимум како во јавниот, така и во приватниот сектор, а и многу компании и вработени ги спојуваат новогодишните и Божиќните празници. 

Денеска уште потсетуваме дека е дојдено време она што штрајкувачите од Чикаго го изборија, осумчасовното работно време, време е за промена и негово намалување бидејќи од 1889 година кога беше воведено до сега не само што поминаа векови туку се променија и работните процеси.

Иницијативата за промена на работното време и измена на Законот за празниците доаѓа по прифаќањето на барањето за флексибилното работно време што го охрабри Синдикатот на УПОЗ на овој следен чекор бидејќи добрите иницијативи наидуваат на разбирање и прифаќање.

Сметавме дека ова е вистински момент со оглед на фактот дека  Министерството за труд и социјална политика е во фаза на изработка на нов Закон за работните односи. Сега е вистинско време и Република Северна Македонија да се приклучи на земјите членки од Европската унија и новите трендови според кои се намалува работното време и работната недела. Затоа, Синдикатот на УПОЗ предлага воведување на 7 часовно работно време како што е воведено веќе во неколку други земји членки на Европската Унија, како што се Франција, Данска, Италија, Холандија, Ирска, Белгија.

Со измена на оваа одредба во Законот за работни односи би се утврдил 7 часовен работен ден, односно 35 часовна работна недела.

Воведувањето, пак, на работното време од 7 часа на ден ќе овозможи добивање на неколку бенефиции, односно ќе овозможи намалување на невработеноста затоа што се врши подобра распределба на трудот бидејќи има голем број вработени кои работат подолго од 8 часовното работно време, а од друга страна голем број на граѓани се невработени. Со намалување на работното време за 10,2% од секој работник, теоретски, ќе се доведе до потреба работодавачите да ангажираат дополнителен број на работници со што би се намалила и невработеноста. И од економски аспект има бенефит затоа што во услови на неорганизирана исхрана во органите на државната управа поскап е пладневниот оброк на вработените, а исто така зголемена е потрошувачката на топлинска и електрична енергија. Од социјален  аспект, пак, ќе се зголемат можностите за грижа кон семејството, за  релаксација и рекреација. Во недостаток на целодневна настава на децата-ученици  отежнато е нивното згрижување и семејно воспитување, што е спротивно со заложбите и политиките за  подобрување и зачувување на семејните вредности, а од биолошки аспект - работното време особено во попладневниот период не покажува особена креативност и продуктивност. Најголемата креативност и најголемиот дел од работата се завршува до 14:00 часот, а  ова  дотолку повеќе ако се има предвид дека според географската положба денот во Македонија започнува и завршува порано во однос на заподноевропските земји”, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Инаку, со сегашното решение во Законот за работните односи, односно ставовите 1 и 2 од членот 116 е предвидено дека полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно, а работната недела по правило трае 5 работни дена. Во ставот 3 од истиот член е наведено дека со Закон или Колективен договор може да се одреди пократко работно време од 40 часа неделно, меѓутоа не помалку од 36 часа неделно.

Ете, денеска на овој значаен ден за нас работниците потсетивме на неколку наши иницијативи. Има и други за кои ќе потсетиме во некои од наредниве денови. Честитајќи Ви го Меѓународниот ден на трудот Ви посакуваме убав празничен ден со порака дека СИЛАТА Е ВО НАС И ДЕКА САМО СО СИЛЕН СИНДИКАТ ИМА СИГУРНИ ПРАВА!