• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

06.11.2019 година

Вчера Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација го искажа својот револт во однос на Одлуката со која за месеците септември и октомври добија додатоци на нивните плати за 10% а судската администрација 5%.

Изјавата на Судскиот буџетски совет објавена вчера во медиумите како одговор на нашата реакција е манипулација со јавноста и без трошка морал и одговорност. За таа цел сакаме да ја информираме јавноста за вистинските состојби во поглед на платите и додатоците на плата.

Платите на судските службеници не се зголемени за 5% туку со промена на Одлуката на Владата донесена на 10.01.2019 година, а објавена во Службен весник бр.4/2019, истата е пресметана со зголемена вредност на бодот од 77.24 на 81.10. Додека Законот за изменување на законот за исплата на плата во РСМ кој предвидува можност за зголемување на платите до 5%, Службен весник бр.202/2019, воопшто не е применет во пресметката на платите на судската служба.

 

Додатоците на плата се додатоци за посебни услови при работа, кои се и треба да бидат исти и за судиите и за судската служба. Платите пак на судиите се регулирани со посебен закон во кој нема измена на нивно зголемување.

Но судиите од Судскиот буџетски совет да не останат “покуси”, го прекршија законот како и многупати до сега, па наместо 5% додатоци на плата си доделија уште 5%, наводно како компензација затоа што тие не добиле зголемување на плата од 5% како судската администрација. Со тоа покажаа основно непознавање на законите или намерно кршење со цел да остварат што поголеми примања, притоа не правејќи разлика што е плата и како таа може да се зголеми а што е додаток на плата кој треба да биде еднаков за судиите и за судските службеници.

За да бидат работите појасни, ќе го кажеме и ова. Во периодот (пред повеќе од 15 години) кога статусот на вработените во судовите беше регулиран со Законот за судови, платата на судскиот соработник изнесуваше 80% од платата на судијата. Сега платата на судските соработници изнесува само 30% од платата на судијата.

Така преку нивниот самостоен судски буџет, судиите отидоа превисоко со платите а судските службеници останаа на дното и се направи огромна разлика. За судиите секогаш има законска можност, а за судската администрација секогаш наоѓаат законски пречки ако треба да се зголемат нивните плати или додатоци.

Членовите на Судскиот буџетски совет со години го злоупотребуваат судскиот буџет и располагаат со него како сакаат, како да е оставено од нивните родители.

Од овие причини, години наназад судовите се рекордери по бројот на штрајкови и протести како израз на нивното незадоволство од однесувањето на овие кои располагаат со судскиот буџет.