• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

15.11.2019 година

rsz 20191115 100317

Судската администрација во сите судови низ државата на 15 ноември 2019 година од 9:30 до 11 часот протестираше изразувајќи го незадоволството од состојбите во судството. Вработените протестираа против одлуките на Судскиот буџетски совет за нерамномерно зголемување на додатоците на плата за судиите и судските службеници но и за недонесувањето на конечна одлука за исплата на платите за дел од вработените што учествуваа во штрајкот во 2016 година.

Членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ и Здружението на судска администрација се собраа на протест пред судските згради за да го искажат незадоволството на вработените во Судската служба и против одлуките на Судскиот буџетски совет кој на разни начини ги опструира и не сака да ги врати парите од штрајкот на дел од вработените, пари кои преку преговори и разговори со Владата на РСМ ги обезбеди Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација. Револтот беше насочен и против Одлуките за додатоци за плата за септември и октомври.

Во изјава за медиумите претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски рече дека ова е последна опомена за Судскиот буџетски совет кој е нетранспарентен.

„Неколку пати, а посебно на последната седница побарав да присуствувам како претседател на синдикатот, но веднаш беше одбиено барањето. Револтот е огромен. Не сакаме да ги спориме ниту платите, ниту додатоците на плата на судиите, туку го спориме нехуманиот однос на оние кои одлучуваат за судската служба затоа што договорот беше додатоци за плата да добијат сите исто во процентуален износ. Во септември беше одредени и судиите и судската администрација да добијат пет проценти додаток на плата, меѓутоа од Судскиот буџетски совет велат дека немаат зголемување на пет проценти на платата како останатата администрација и си доделија уште пет проценти додаток”, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Според проценките што ги направи Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација судиите земале додаток на плата од 6.000 до 9.000 денари, а судската администрација од 750 до 1.000 денари.

На протестот Синдикалците повторно реагираа и на незаконитиот начин со кој им се одземени и дел од платите на учесниците во штрајкот од 2016 година.

„Како синдикат заедно со Владата обезбедивме средства за да им се вратат парите на вработените, но Владата бараше законска постапка и тие пари ги префрли на Судскиот буџетски совет. Беше договорено постепено враќање на парите и да се исплатат сите учесници во штрајкот од технички персонал, до судски службеници и судска полиција, но добивме разноразни одговори дека на дел од луѓето не може да им се исплатат парите, а обезбедени се пари за сите учесници во штрајкот”, изјави Грујовски.

На протестот Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судски службеници побараа да имаат и свој претставник во Судскиот буџетски совет и во Советот на судска служба, како и поинаква дефиниција на позицијата на судската служба.

Доколку не се наиде на разбирање од страна на Судскиот буџетски совет, ќе се искористат сите форми на притисок.

„Секоја активност која ја преземаме потекнува од членството. Сите форми на притисок ќе ги примениме, но нема да им го направиме задоволството повторно да штрајкуваме за да повторно да ги казнуваат нашите членови. Ќе бараме нови форми на притисок, но ќе побараме помош и од Владата, посебно од Министерството за правда да се вложи во овој процес бидејќи судството е дел од Министерството. Министерката за правда мора да учествува на седниците на Судскиот буџетски совет бидејќи ова што се случува во Советот излегува од контрола”, истакна Грујовски.

Поддршка за протестот пристигна од Колегиумот на судии и Здружението на судии од Основниот кривичен суд во Скопје, чиј претседател Иван Џолев и лично ја даде со своето присуство заедно со членовите на судската управа. Во изјава за медиумите тој рече:

„Тука сме заедно со судската управа на Кривичниот суд Скопје за да дадеме подршка на судските службеници. Сметаме дека заслужуваат повисоки плати и примања. Станува збор за едни од највредните службеници генерално  во државата заедно со здравствените и просветните работници и во таа смисла сметам дека и судските работници треба да имаат, по разни основи, повисоки примања. Тие навистина имаат стресна работа, имаат многу работа и не гледам зошто не би ги поддржале. Не гледам проблем ниту во Судско буџетскиот совет и ние судиите и советот ги подржува судските службеници во нивните барања. Очигледно е дека во минатото платите се зголемувани и таа тенденција треба да продолжи”.

Во продолжение во целост Ви ја пренесуваме Пораката од овој протестот:

  • Апелираме до Судскиот буџетски совет да ја прекине праксата на дискриминирачкиот и игнорантскиот однос спрема судската служба со донесување на одлуки според кои пари за судиите секогаш има а за судската служба нема;
  • Да прекине со создавање на раздор, незадоволство и револт со ваквите одлуки меѓу вработените;
  • Да покаже искрени намери во градење на ефикасно судство како стратешка определба на Република Северна Македонија, со тоа што ќе отпочне да го намалува, а не да го зголемува јазот помеѓу судиите и судската служба;
  • Бараме итно да им бидат исплатени парите на нашите колеги од судската полиција, помошно - техничкиот персонал, на пензионираните, на вработените кои имаат најниски примања;
  • Апелираме до Вас и вашата совест да ја разбудите и да ја видите реалноста. Непочитувањето закони и прописи кога се во прашање вашите интереси. Кога сме во прашање сите ние вработените, судските службеници, судската полиција и помошно - техничкиот персонал, за нас или нема пари или секое решение оди во наша корист за вас е незаконско наоѓајќи разно разни изговори;
  • Судството, не се само судиите, туку дел од тој тим се и сите вработени во судската служба, кои заслужуваат еднаков третман. Перцепцијата за судството и дома, но и пред меѓународната заедница, ќе се подобри само кога целиот тим заеднички и посветено ќе работи за истата цел.

Затоа бараме од Министерството за правда итно да пристапи на:

  • Измена на законите и да утврди поинаква позиција на Судската служба независна од милоста на Судскиот буџетски совет и да се формира посебно тело кое ќе биде одговорно за нас;
  • Задолжително да имаме претставник во Судскиот буџетски совет и
  • Задолжително да имаме претставник во Советот на судска служба.