• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

07.02.2020 година

rsz 20200207 101253

Денес беше потпишан колективниот договор во Фондот за здравствено осигурување на РСМ. Првиот и досега единствен колективен договор беше потпишан во далечната 2003 година. По пауза од 17 години во Фондот повторно има Колективен договор и истиот ги вклучува сите позитивни законски прописи и воедно ги уредува сите специфики на работењето на вработените во Фондот за здравствено осигурување.

Поради специфичноста на работите, работните групи текстот на договорот интензивно го усогласуваа во изминативе три месеци и со цел да се унапредат правата на вработените. Конечно вработените во ФЗО добија нов современ договор со кој се валоризира трудот на секој вработен, а воедно го обврзува работодавачот да соработува со Синдикатот како рамноправен социјален партнер во обезбедување квалитетни работни услови.

Директорот на ФЗО Ден Дончев пред свеченото потпишување истакна дека овој колективен договор претставува убава можност за регулирање на правата и обврските на вработените и е во согласност со определбите на Владата за обезбедување максимална заштита, но и финансиска сигурност за вработените во Фондот. Истовремено, како што нагласи тој, соработката со Синдикатот ќе продолжи и по потпишувањето на колективниот договор.

Директорот на ФЗО Орхан Рамадани го изрази своето задоволство од потпишување на договорот, од чии одредби, придобивки имаат сите вработени, особено оние со најниски примања, кај кои сега ќе има покачување на бројот на бодови. Тој истакна дека има простор за понатамошна соработка и во иднина што ќе резултира со квалитетни решенија за вработените, но и за Фондот како работодавач.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски го истакна своето задоволство од соработката со директорите на Фондот, како и од луѓето кои беа вклучени во преговорите. Особено го истакна придонесот на Вулнет Мурсели и Бранко Аџигогов како претставници на синдикалната организација. Фактот дека менаџментот на Фондот,  односно и двајцата директори изразија желба дијалогот меѓу Фондот и Синдикатот на УПОЗ да продолжи и понатаму на взаемно задоволство, радува и укажува на потребата од успешен социјален дијалог.

Претседателот на синдикалната организација на ФЗО Вулнет Мурсели исто така искажа благодарност до двајцата директори на ФЗО за преговорите и што после 17 години имаме квалитетен колективен договор кој ги става во рамноправна положба двајцата партнери, ФЗО и Синдикатот на УПОЗ, односно синдикалната организација при ФЗО.

Колективниот договор потпишан меѓу ФЗО и синдикалната организација при ФЗО членка на Синдикатот на УПОЗ започнува да важи од 7 февруари 2020 година.

Само со меѓусебно и взаемно почитување како рамноправни социјални партнери и во иднина ќе обезбедиме услови за задоволни вработени, кои ќе обезбедуваат квалитетни услуги за сите осигуреници.