• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

11.05.2020 година

Подолг период а особено со почетокот на кризата, јавната администрација е мета на бизнис заедницата, поединци и министри кои како да се натпреваруваат кој повеќе ќе ја претстави неосновано и без аргуманти во негативно светло. Вистинската сликата на јавната администрација, за Синдикатот на УПОЗ, е поинаква и пореална. 

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), остро се спротивставува на личните ставови на Министерката за финансии г-ѓа Нина Ангеловска, а кои се однесуваат за кратење на платата на јавната администрација, кои се нејасни и создаваат забуна во јавноста.

Можеби некој требал да ја подучи министерката дека како носител на јавна функција и тоа една од најодговорните во државата, личните ставови да си ги чува за себе. Или пак, тоа не се нејзини лични ставови, туку ставови на одредени лица од бизнис заедницата кои неосновано атакуваат врз администрацијата и упорно ја пласираат идејата дека ако не се скратат платите на администрацијата, на економијата во државата и нема спас.

Ваквите неодмерени изјави на министерката за финансии покажуваат основно непознавање за тоа што е јавна администрација, а што јавен сектор и за тоа колкав е износот на платите во администрацијата.

Чистата нето плата на вработените во администрацијата во групата Г (референти) која е најбројна во администрацијата е следната: 14.518,00 денари за помлад референт, 14.888,00 денари за референт, 15.681,00 денари за Виш референт и 16.474,00 денари за самостоен референт. Затоа прашуваме, од што, од кого и колку ќе крати министерката?

Од 2009 година до сега, на вработените во администрацијата најпрвин со мерките за штедење, а потоа и со фамозниот Закон за извршување, им се скратени сите надоместоци и додатоци на плата и единствен начин на кој некој вработен можеше да ги добие овие со закон загарантирани додатоци, беше со тужба до надлежните судови.

Имајќи го предвид фактот дека од почетокот на кризата предизвикана од вирусот Ковид – 19 голем број на трговци ги зголемија цените на основите средства за живот, а вредноста на синдикалната минимална кошница за месец април 2020 година, изнесува 33.243,00 денари, се прашуваме дали доколку министерката за финансии имаше плата под просечната во државата како 75% од административните службеници ќе беше толку гласна и ќе бараше намалување на платите во администрацијата.  

Исто така прашуваме, дали желбата на министерката за кратење на платите во администрацијата е компензација за неуспешниот обид за кратење на платите на избраните и именуваните функционери па се повторува онаа стара македонска поговорка: „Ако не можеш по магарето удри по самарот.“ 

Повторно сакаме да укажеме дека со кратење на платите ќе бидат погодени најранливите категории од вработените, а особено самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработените кои живат под кирија и оние кои се единствени вработени во нивните семејства.

За Синдикатот на УПОЗ предлогот за кратење на платите е неоснован, неприфатлив и неполезен. Ова ќе биде потег без ефект, а кратењето на платите на администрацијата нема да направи значителна заштеда во Буџетот на државата, туку ќе биде одмазда и задоволување на барањата на дел од бизнис заедницата.

Со евентуалното кратење на платите на вработените ќе се намали и нивната куповна моќ, а еден од основните начини за излез од финансиска криза е да постои зголемена потрошувачка моќ на граѓаните, а не на најмалку платените вработени во државата уште повеќе да им се скратат платите.