• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

19.11.2020 година

20201119_121504.jpg20201119_121451.jpg

На online средбата со министерот за правда Бојан Маричиќ Синдикатот на УПОЗ побара конкретни одговори и рокови за реализација на барањата на Синдикатот на УПОЗ кои се однесуваат за вработените во судовите и обвинителствата и кои години наназад не се решаваа и не постоеше воља кај надлежните. Конечно на оваа средба беше договорено дека и Правилникот за додатоци на плата на судската полиција ќе биде донесен најдоцна за 20 дена.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски, Потпретседателот на Синдикатот на УПОЗ за правосудство Верица Тасева и Претседателот на Синдикалната организација на јавните обвинителства Изабела Илиева остварија online и втора работна средба со Министерот за правда г-дин Бојан Маричиќ и советникот на Премиерот за труд и социјална политика Милан Живковиќ.

Поради здравствената состојбата во државата средбата се одржа преку платформата ЗООМ, а истата претставува продолжување на напорите на Синдикатот на УПОЗ за подобрување на правата на вработените во судовите и обвинителствата.

Во однос на барањето на Синдикатот на УПОЗ за измени или изработка на нови закони за судската и јавнообвинителската служба, Министерот за правда истакна дека согласно планот за реформа на правосудството предвидено е да се изработат нови закони за судската и јавнообвинителската служба и дека работните групи за изработка на овие закони во кои ќе биде вклучен и Синдикатот на УПОЗ ќе започнат со работа за две до три недели.

На прашањето за зголемување на платите на вработените во судовите и обвинителствата, министерот информираше дека се надева на зголемување на буџетите на судовите и обвинителствата, а со тоа да се зголемат и платите на вработените, но таквите одлуки зависат од Судскиот буџетски совет и од Јавниот обвинител.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ повторно ја потенцираа потребата од унапредување на судските и јавнообвинителските службеници, особено поради фактот дека има голем број на упразнети работни места од повисок ранг, дека вработените извршуваат работни задачи од повисока категорија, а имаат решенија за пониска категорија и дека ваквите проблеми се провлекуваат повеќе години. На ова Прашање министерот истакна дека Правилникот за унапредување во судовите е изготвен и дека се чека на негово објавување во „Службен весник“ по што веднаш ќе почне да се применува, а во обвинителствата дека е започнат процесот на пополнување на упразнетите работни места.

Во однос на прашањето за изготвувањето на Правилникот за додатоци на плата за судската полиција за висок ризик, министерот истакна дека овој Правилник е изготвен од страна на Министерството за правда и е испратен во Министерството за финансии. Министерот истакна дека е оптимист и верува дека овој Правилник ќе биде донесен и ќе почне да се применува за неколку недели.

Во однос на исплата на додатоците на плата во судовите и самоволието на Судскиот буџетски совет за исплата само на 25% додатоци на плата за судските службеници, а 35% за судиите, министерот истакна дека ќе разговара со Претседателот на судскиот буџетски совет и ќе побара да се направат измени во правилниците со кои и судските службеници ќе можат да добиваат 35% додатоци на плата како што е предвидено со Законот.

Во врска со додатоците од плата, дежурствата и додатокот на плата за ПИМ мерки во обвинителствата, министерот информираше дека веќе има договорен состанок со Јавниот обвинител, а на дневниот ред на тој состанок ќе се разговара и за барањата на Синдикатот на УПОЗ не само за додатоците на плата туку и за останатите проблеми на вработените во обвинителствата.

Министерот исто така информираше дека верува до крајот на годината да се донесат и измени на закони со кои ќе им се овозможи на стручните соработници во судовите и обвинителствата со скратена обука и со исполнување на одредени услови да бидат избрани за судии и обвинители.

Во наредниот период Синдикатот на УПОЗ ќе продолжи со интензивната комуникација со Министерството за правда со цел да се исполнат сите барања на вработените и да се подобри нивната положба.