• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

20.11.2020 година

Со оглед на тоа што Владата на Р.С. Македонија на 17-тата седницата од 03.11.2020 година, донесе Заклучок со кој се утврди надоместок на плата за привремена спреченост за работа поради Ковид - 19 да изнесува 100% од основицата за надоместок на плата, но на 21-вата седница одржана на 17.11.2020 година истиот заклучок беше поништен, и од тие причини Синдикатот на УПОЗ денес реагираше и писмено се обрати до Владата на Северна Македонија со барање кое го пренесуваме во целост:  

“На 21-та Седница на Владата на С. Македонија одржана на 17.11.2020 година, донесен е  Заклучок со кој се наведува дека висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од  работа на вработени лица во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје, заболени од КОВИД-19 (Коронавирус), вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

 

Со вака донесениот заклучок Владата го поништи/измени Заклучокот донесен на 17-та Седница на Владата одржана на 03.11.2020 година, со кој се утврди надоместокот на плата за привремена спреченост за работа поради КОВИД-19 да изнесува 100% од основицата за надоместок на плата.

Донесениот заклучок од 21-та Седница и лесните промени на ставовите на Владата по ова прашање направија огромна конфузија и незадоволство меѓу вработените. Понуденото образложение од страна на Владата и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) е нејасно, конфузно и нелогично имајќи во предвид дека токму Владата е работодавач на овие вработени и согласно позитивните законски норми и Уставот треба да се грижи за безбедноста и здравјето на вработените.

Имајќи ја во предвид целокупната здравствена состојба во државата и растечкиот број на заразени граѓани од кои голем дел се вработени во државната управа, министерствата и општините, а најмногу и заради висината односно ниските плати на вработените, со носење на Заклучокот од 21-та седница на Владата, ќе се направи сериозен удар врз материјално – социјалната положба на вработените, заболени од Ковид - 19.

Од тие причини бараме веднаш да биде повлечен, поништен или изменет Заклучокот од 21-та седница на Владата на С. Македонија во спротивно постои опасност вработените кои се асимтоматични, а кои се заболени од Вирусот Ковид – 19, и покрај тоа да доаѓаат на работа и да ги извршуваат своите работни задачи, со цел да примат целосен износ на плата. Вакви примери до сега имаше и во јавниот и приватниот сектор и истото во голема мера придонесе за раширување на заразата од Ковид - 19 на ниво на цела држава.