• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

07.12.2020 година

20201207_214112.jpg

Почитување на одредбите на Гранскиот колективен договор и поединечните колективни договори, непреченото остварување на правата кои призлегуваат од нив (исплата на регрес за годишен одмор, дневници за службени патувања во земјата) и начинот на утврдување на репрезентативност на синдикатите, беа дел од прашањата за кои се разговараше на првата средбата со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

На барање на Синдикатот на УПОЗ, Претседателот на Синдикатот Пецо Грујовски, и Генералниот секретар Трпе Деаноски ја одржаа првата работна средба со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

 

Главен акцент на средбата беше ставен на доследната примена и почитувањето на сите одредби од Гранскиот колективен договор како и поединечните колективни договори на ниво на работодавач.Особено се разговараше и околу евентуалните проблеми кои можат да настанат во врска со исплатата на додатоците и надоместоците на плата од причини што, ниту во ребалансот на Буџетот за 2020 ниту во Предлог -  Буџетот за 2021 година не се предвидени средства за регрес за годишен одмор и дневници за службени патувања во земјата. Во тој контекст беше реагирано и за непочитувањето и на други одредби од колективните договори, како што е учеството на Синдикатот при донесувањето на Буџетот, учество во хоризонталната функционална анализа и вклучување на Синдикатот како рамноправен социјален партнер.         

Исто така на средбата стана збор и за проблемите поврзани со утврдувањето  на репрезентативноста на синдикатите согласно одредбите на Законот за работните односи, односно согласно националната класификација на дејности и беше побарано да се предвиди нов акт по кој синдикатите би ја добивале репрезентативноста.

Министерката за труд и социјална политика истакна дека социјалниот дијалог и  социјалното партнерство ќе се почитуваат и уште повеќе ќе се надградуваат и дека голем број на прашања ќе се решат со изготвување на новиот Закон за работните односи.