• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

03.07.2018 година

Синдикатот на УПОЗ ја предаде петицијата на судските стручни службеници на Министерот за правда проф. д-р Рената Дескоска на средбата која се одржа на 20 јуни 2018 година.

Непосредно пред средбата со Министерството за правда, во Синдикатот на УПОЗ пристигна петиција од судските стручни службеници вработени во судовите во Република Македонија.

Петицијата е реакција на содржината на Стратегијата за реформи на правосудниот систем за период од 2017до 2022 година со Акциски план. Воочливо е дека во содржината на Стратегијата повторно е испуштена една категорија вработени во судовите, кои со извршувањето на своите работни задачи, даваат активен придонес со правосудниот систем. Тоа се стручните судски службеници (стручни соработници) во судовите.

Тие сметаат дека и на нив треба да им се даде можност, да конкурираат за избор на судии и јавни обвинители, но под поинакви услови, различни од оние предвидени за правниците кои само што излегле од студентските клупи и кои немаат ниту еден ден стаж или имаат незначително искуство од областа на правосудството, односно работеле во фирми, министерства, образовни институции, нотари, извршители и сл.

 Во прилог на тоа е и фактот што стручните соработници во судовите се дипломирани правници со положен правосуден испит и со повеќе годишно работно искуство во изготвување на судски одлуки, па сосема е неоправдано, кадар кој е квалитетен, стручен, компетентен и докажан да се изостави или изедначи со условите на избор со оние кои никогаш претходно не биле дел од правосудниот систем.

Потоа во петицијата се вели дека значењето и искуството се два критериуми кои се посебно значајни при вработувањето и наградувањето во секој сектор, освен во судската власт, и во секоја држава, освен во нашата. Претходната власт оваа категорија на квалитетни правници потполно ја исклучи, занемари и тврдиме дека тоа е една од причините што судството се здоби со ваква репутација.

При ова треба да се има предвид дека стручните судски службеници не предлагаат да бидат ослободени од обврската да посетуваат обуки во Академијата за судии и обвинители, но тоа да биде откако ќе бидат избрани за судии и јавни обвинители. Тие предлагаат оние кои ќе бидат избрани од редот на стручните соработници, да имаат обврска да посетуваат определена обука од Академијата. Начинот, видот и времетраењето на обуката која тие ќе ја посетуваат како и динамиката, дополнително да се уредат во координација со Академијата за судии и јавни обвинители.

На крајот од петицијата стручните судски службеници укажуваат дека наместо во исчекување на ветеното, добиле големо разочарување и деградирање со тоа што повторно се изоставени при усвојувањето на Нацрт-стратегијата за реформи во правосудството.

Синдикатот на УПОЗ целосно ги поддржува барањата на стручните судски службеници и со содржината на Петицијата ја запозна министерката Рената Тренеска - Десковска и истата и беше лично предадена. Министерката рече дека ќе се заложи во наредниот период да изнајде начин за измена и дополнување на националната стратегија за реформи во правосудството, на начин што стручните судски службеници ќе имаат можност да конкурираат за судии или јавни обвинители, притоа како единствен посебен услов ќе биде вреднуван бројот на годините на искуство и пракса.  

За ова прашање се разговараше и на средбата која кон крајот на 2017 година Синдикатот на УПОЗ ја имаше со претседателот на Владата на РМ г-дин Зоран Заев, кој предлогот го смета за реален и оправдан и ќе се заложи за барањата на стручните судски службеници.