• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

01.12.2018 

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), бара Судскиот буџетски совет и претседателот Караџоски да ја повлечат Одлуката за исплата на додатоци на плата за судиите во износ од 35% со што судиите ќе добијат зголемување за 21.000,00 денари, што ќе биде повисоко за 85% од редовните плати кои ги добиваат вработените во судската служба. Оваа срамна Одлука е долевање на масло на огнот кој гори од незадоволството од третманот на судските службеници во изминатите години, замрзнување на нивните плати и постојано зголемување на платите на судиите. Таа во ниту еден случај не може да ја подобри материјалната и социјално -  економската положба на вработените во администрацијата и правосудството.

Од овие причини Синдикатот на УПОЗ бара итна и неотповиклива оставка од Претседателот на Судскиот буџетски совет Зоран Караџоски и комплетниот состав на Судскиот буџетски совет, заради не поседување на морални вредности и предизвикување на состојба на хаос во судството.

 

,,Со оваа Одлука, Судскиот буџетски совет ја постигна целта и направи хаос и од тие причини можам слободно да кажам дека не гарантирам дека судовите ќе работат и како ќе работат бидејќи револтот е огромен што мислам дека Караџоски треба да ги посети сите судови и да им објасни како дојде до ова и дали има намера нешто да се направи во поглед на нивните барања”, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски на конференцијата за медиумите. 

Притоа Грујовски потсети дека во 2016 година судските службеници штрајкуваа токму поради овој дел од Законот за судски  службеници со цел да иницира промени со кои и судските службеници ќе бидат рамноправни во делот на додатоци на плати со судиите, јавно обвинителските служби и обвинителите. Тука е и дефектот. Извршната власт направи проблем, не беше ажурна и по речиси две години од нејзиното доаѓање не ги даде во процедура измените на Законот со коишто и судските службеници ќе бидат изедначени.

,,Од  тие причини бараме од Судскиот буџетски совет итно да ја отповика Одлуката за додатоци на судиите се до донесување на измените на Законот во итна постапка кој, пак, бараме да влезе во процедура веднаш во понеделник и со тоа судските службеници да бидат рамноправни и со судиите и со другите во правниот систем. Бараме потпишување во понеделник со претседателот на Судскиот буџетски совет како работодавач на вработените во судовите на Спогодба за да се вратат парите на вработените од судовите кои во 2016 година кои незаконски беа одземени за време на штрајкот во судовите лично од него што беше еден од поголемите негови гафови”, потенцираше на конференцијата за медиумите претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Исто така, тој побара и поддршка и солидарност од судиите, како и тоа Здружението на судии да се  произнесе во врска со ова прашање бидејќи во судовите не работат само судиите.

Го постави и прашањето на легитимноста на донесената Одлука со оглед на фактот што Синдикатот тврди дека мандатот на Судскиот буџетски совет е веќе истечен. Синдикатот на УПОЗ заедно со Здружението на судските служби ќе донесат одлука за изразување на незадоволство која може да биде во вид на бојкотирање, штрајк и слично.

На прашањето на новинарите дали ќе го поддржат најавениот протест на КСС, Грујовски рече дека тие како Синдикат на УПОЗ се синдикат со најмногу штрајкови и протести и дека тогаш нив никој не ги поддржувал иако смета дека секоја борба за подобрување на правата на работниците е за поддршка.