КАКО ЈА ДОНЕСОА, ТАКА ЈА ОДНЕСОА
30.09.2020 година
Вчера на седница на Владата на Р.С. Македонија е донесена времена одлука за промена на работното време во администрацијата со која се утврдува ново работно време со почеток од 08.00 часот до 16.00 часот. Со тоа, променета е претходната одлука со која од 1-ви септември 2017 година, беше утврдено флексибилно работно време со почеток од 07.30 до 08.30 и завршеток од 15.30 до 16.30 часот. Синдикатот на УПОЗ е затекнат од ваквата одлука бидејќи не беше информиран и консултиран како социјален партнер, со оглед на тоа што во Гранскиот колективен договор потпишан во почетокот на оваа година, е утврдено дека работното време е флексибилно.
Денес Синдикатот на УПОЗ реагираше и се обрати до Владата на Р.С. Македонија во врска со вчерашната одлука за промена на работното време и бара истата итно да биде повлечена.
Ваквата одлука, за Синдикатот на УПОЗ е нејасна и конфузна и веднаш создаде револт меѓу вработените од причина што Владата со носењето на ваквата одлука сметаме дека не го почитува социјалниот дијалог, постапува спротивно на Конвенциите на Меѓународната организација на трудот и го негира Гранскиот Колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија, кој Владата го потпиша на почетокот на оваа година.