ЗОШТО ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА Е ПОСТОЈАНО НА УДАР?
11.05.2020 година
Подолг период а особено со почетокот на кризата, јавната администрација е мета на бизнис заедницата, поединци и министри кои како да се натпреваруваат кој повеќе ќе ја претстави неосновано и без аргуманти во негативно светло. Вистинската сликата на јавната администрација, за Синдикатот на УПОЗ, е поинаква и пореална.
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), остро се спротивставува на личните ставови на Министерката за финансии г-ѓа Нина Ангеловска, а кои се однесуваат за кратење на платата на јавната администрација, кои се нејасни и создаваат забуна во јавноста.
Можеби некој требал да ја подучи министерката дека како носител на јавна функција и тоа една од најодговорните во државата, личните ставови да си ги чува за себе. Или пак, тоа не се нејзини лични ставови, туку ставови на одредени лица од бизнис заедницата кои неосновано атакуваат врз администрацијата и упорно ја пласираат идејата дека ако не се скратат платите на администрацијата, на економијата во државата и нема спас.