• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

25.01.2019 година

rsz pretsedatelstvo

На проширената седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ, на која се расправаше по предлог - текстот на Колективниот договор, во дискусијата по оваа точка, сите членови на Претседателството и присутните претседатели на синдикалните организации, без исклучок, истакнаа дека ваквиот текст на Колективен договор со ништо не ги подобрува правата на вработените во државната управа и беше заклучено доколку тој се склучи ќе има уште поголема разлика со правата на вработените во приватниот и јавниот сектор.

Претседателството на Синдикатот на УПОЗ на седницата одржана на 24.01.2019 година не даде согласност за потпишување на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи. Веруваме дека во овој момент донесовме вистинска одлука.

 Имено, во преговорите меѓу претставниците на Владата и Синдикатот на УПОЗ кои што почнаа кон крајот на август баравме, и не се договоривме за следниве барања:

  • Колективниот договор да важи само за членовите на синдикатот;
  • Регрес за годишен одмор 60%, од просечна плата;
  • Дневници за службени патувања во земјата 8%, од просечна плата;
  • Јубилејни награди;
  • Најмалку две основици отпремнина за заминување во пензија;
  • За смрт на работник исплата на три основици;
  • За смрт на член на потесно семејство две основици;
  • Исплата на додаток на плата од 20% за вработени кои работат со овластување;
  • Исплата на додаток за работа во комисии.

Само за споредба, сите овие права, за кои не се договоривме се дел од барања на Синдикатот на УПОЗ, и веќе се утврдени во колективниот договор за приватниот сектор.  

Искрено се понадевавме дека ќе имаме разбирање и дека власта ќе го почуствува моментот сфаќајќи дека токму сега е времето да се постигнат решенија заемно прифатливи и за нас и за неа. Наместо тоа, за жал, добивме согласност само во делот на барањето за регрес, но и тука не онака како што баравме, туку регресот да биде во висина од 40% и да се исплаќа, со следнава динамика:

  • 2020 година 50% од основицата;
  • 2021 година 75% од основицата и
  • 2022 година 100% основицата.

Со оглед на тоа што колективниот договор, согласно Законот за работните односи има важност од две години, во случајов ако сега се потпише би важел до 2022 година, излегува дека стоте проценти нема ни да ги дочекаме!

Бараме разбирање, но и поддршка од сите наши членови за да ја водиме и да ја добиеме и оваа битка многу значајна за сите вработени во управата и правосудните органи. Очигледно е дека и оваа 2019 година ќе биде долга и исцрпувачка година на преговори, но не само за овој колективен договор туку и за поединечните колективни договори односно колективни договори на ниво на работодавач од кои не се откажуваме се до моментот кога ќе го добиеме она коешто го заслужуваме.

Скоро 24 години Република Македонија не смогна сили да потпише и да договори нов Колективен договор за државната управа, а од тогаш до сега, Законот за работни односи и законите кои ја регулираат работата на јавната администрација претрпеа суштински измени од кои некои беа и на штета на работниците.

Како да очекуваме јаваната администрација да го изнесе товарот за влез во Европската унија ако е дестимулирана?

Ние сме подготвени!  Ја повикуваме власта уште еднаш да ги преиспита своите предлози и да изнајде сили, да покаже и на дело дека се грижи за нејзините вработените. Пенкалата сѐ на маса и го чекаат Гранскиот Колективен договор за потпис.