• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

27.12.2017 година

Синдикатот на УПОЗ оствари работна средба со Премиерот на Р.Македонија Зоран Заев, Министерот за финансии Д-р Драган Тевдоски и Министерот за правда Билен Саљији.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски, заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски, Потпретседателот за правосудство Верица Тасева и претседателот на Одборот за инспекциски служби Димитар Гаќев остварија работна средба со Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за финансии, Драган Тевдовски, од министерот за правда, Билен Саљији и од државната секретарка во Министерството за финансии, Елена Трпковска.

Оваа средба која претставува продолжување на активностите на Синдикатот на УПОЗ за решавање на отворените проблеми во судството, обвинителството и администрацијата, Претседателот на Синдикатот на УПОЗ го запозна Претседателот на Владата на Р. Македонија со сите отворени прашања и побара брзо решавање на прашањата за:

  • враќање на незаконски задржаните плати на вработените во судството за време на штрајкот во судовите од 2016 година;
  • повторна исплата на додатоците на плата во јавните обвинителства;
  • исплата на заостанатите плати на инспекторатите, добивање на соодветни решенија за степен на кариера за вработените,
  • доследно почитување на Одлуката на Владата на Р. Македонија за работното време и други отворени прашања.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ истакна дека доколку во брзо време не се постигне договор за прашањата за враќање на не законско задржаните плати за време на штрајкот, исплата на додатоците на плати во јавните обвинителства и степенот на кариера државата ќе се соочи со огромен број на основани тужби кои во голема мера ќе го оштетат Буџетот на Р. Македонија.

Во однос на прашањата за враќање незаконско задржаните плати за време на штрајкот Премиерот Зоран Заев истакна дека доколку се изнајде правно издржано решение овие средства ќе бидат вратени на работниците и дека во иднина сите отворени прашања ќе се решаваат по пат на дијалог со цел заштита на работниците и унапредување на нивните права.

Исто така, Премиерот и Министерот за финансии информираа дека додатоците на платите во јавните обвинителства ќе продолжат со исплата но затоа ќе биде потребно и да се изготват подзаконски акти за правилна распределба на додатоците на плата.

Во однос на прашањето за степенот на кариера, премиерот Заев информираше дека во Владата веќе има формирано работна група и дека ќе биде најдено соодветно решение во скоро време.

Премиерот Заев и министерот за финансии, Тевдовски, информираа дека вработените во инспекторатите ќе ја добијат задоцнетата плата по одржување на седницата на Владата, планирана за наредната недела.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ и Премиерот Зоран Заев истакнаа и заеднички став дека институциите имаат обврска доследно да ја почитуваат одлуката за работното време која беше донесена во полза и за сметка на вработените.

На крајот на средбата премиерот Заев истакна дека Владата на Р. Македонија е отворена за соработка со Синдикатот на УПОЗ бидејќи оваа Влада е определена заеднички со вработените и граѓаните да доаѓа до најдобрите законски решенија со кои ќе се унапредат правата на вработените.

Претседателот на Синдикатотна УПОЗ истакна дека Синдикатот на УПОЗ секогаш ќе биде конструктивен социјален партнер и ќе инсистира сите отворени прашања пред се да се решаваат по патна разговори, преговори и социјален дијалог.