• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

24.08.2018 година

rsz 1122

Наоѓање на конечно решение за враќање на задржаните плати за време на штрајкот и временска рамка за исплата на истите, измена на Законот за судска служба, зголемување на платите во судовите и обвинителствата, решавање на проблемите на вработените во судската и затворската полиција и исплаќање на обврските спрема вработените беа дел од прашањата за кои се разговараше на средбата со Министерката за правда Проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски, Претседателот на Здружението на судска администрација Борче Тасевски потпретседателот за правосудство на Синдикатот на УПОЗ Верица Тасева, членот на Извршниот одбор и Претседателството на Синдикатот на УПОЗ Насуф Ќамили и претседателот на Синдикалната организација на јавните обвинителства Изабела Илиева остварија работна средба со Министерот за правда проф. д-р Рената Дескоска и Директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ.

На средбата претставниците на Синдикатот на УПОЗ ја запознаа министерката за моменталната состојба и растечкото незадоволство на вработените во судовите и побараа итно решение за проблемот со задржаните плати за време на штрајкот во 2016 година и измена на Законот за судска служба.

 Претставниците на Синдикатот на УПОЗ на министерката и доставија и докази од кои лесно може да се утврди дека постапката за кратење на платите за време на штрајкот беше незаконска и истакнаа дека доколку не се изнајде решение во најбрз временски рок вработените во судовите преку Синдикатот на УПОЗ ќе поднесат огромен број на тужби кои дополнително ќе го оштетат буџетот на Р. Македонија, а не се исклучени и други форми на искажување на незадоволството.

Истовремено, беше истакнато дека Синдикатот повторно не е вклучен во носењето на измените на законите и дека со предложените измени во Законот за судска служба повторно судските службеници не ги добија бараните додатоци на плата во висина од 35% како што тоа го добија судиите, обвинителите и обвинителските службеници.

Министерката исто така беше запознаена и со проблемите во одредени судови во врска со признавање, односно не признавање на стекнатото образование на вработените што создава дополнително незадоволство бидејќи се јавува разлика од суд до суд.

И на оваа средба се истакнаа проблемите на судските полицајци и се побара конечно решавање на акумулираните проблеми во врска со униформите и опремата, не правилната пресметка за надоместоците на плата и не исплаќањето на додатокот на плата од 20% за висок ризик и сложеност на работните задачи.

Во врска со проблемите на вработените во јавните обвинителства, на министерката и беа доставени Пресуди од основните и апелационите судови со кои на вработените кои поднесоа тужби за разликата за неисплатени додатоци на плата истите им се досудуваат и повторно се побара да се изнајде заедничко решение за исплата на одвие додатоци со цел да не се оптоварува Буџетот на Р. Македонија со трошоците на судските постапки. Исто така, се истакна и потребата од вработување на нови вработени во јавните обвинителства како и не исплаќањето на степенот на кариера.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ побара наредната недела да се одржи посебен состанок за вработените во Казнено поправните и Воспитно поправните установи на кој би се истакнале сите проблеми со кои се соочуваат вработените во овие установи.

Министерката Тренеска-Дескоска во врска со проблемот за враќање на незаконски задржаните средства истакна дека на 22.08.2018 година, за овој проблем разговарала со Министерот за финансии и Премиерот на Р. Македонија кои се запознаени со проблемот и ги информираше претставниците на Синдикатот дека постои воља за решавање на проблемот но се бара правно издржано решение за враќање на средствата. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ инсистираше најитно да се најде решение и веќе не смее да се одлага решавањето на овој проблем. Побара Синдикатот да добие конечен и позитивен одговор најмногу за 10 дена.

Во врска со измената на Законот за судска служба и добивање на додатоците на плата за судските службеници, Министерката ги информираше присутните дека, Комисијата за реформи во правосудството утврдила динамика за измена на овој Закон и тоа, во првата фаза да се направат измени со кои би се овозможиле нови вработувања, а потоа да се донесат останати измени на Законот. Министерката истакна дека нејзина определба е вработените во судовите да мора да ги добијат овие додатоци на плата и прашање на време е само кога тоа ќе се случи.

Министерката истакна дека со Министерот за финансии се разгледувало и барањето на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите за вработените во правосудството и дека се одвоени средства за зголемување на платите за вработените. 

Министерката Тренеска-Дескоска изрази подготвеност и воља за решавање на сите отворени прашања кои ги поставија претставниците на Синдикатот и изрази убедување дека Синдикатот ќе биде вклучен во сите измени на законските и подзаконските акти кои се однесуваат на вработените во правосудството.