• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

13.12.2019 година

rsz mp i upoz

Во текот на вчерашниот ден претставници на Синдикатот на УПОЗ одржаа работни средби во Министерството за правда и Судскиот буџетски совет на кои се разговараше за изнаоѓање на решенија за проблемите на судската полиција, помошно – техничкиот персонал во судовите, јавнообвинителските службеници и вработените во КПУ и ВПУ.

На првата средба која се одржа во Министерството за правда се разговараше за иницијативата на Синдикатот на УПОЗ со која судската полиција конечно треба да добие бенифициран стаж. Оваа средба се одржа со претставници од Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Судскиот Буџетски совет, а  од страна на Синдикатот на УПОЗ присуствуваа Генералниот секретар Трпе Деаноски, Претседателот на одборот за КПУ и ВПУ Звонимир Бошњак и членовите на Синдикатот на УПОЗ Горан Тасевски и Ангелче Унев од Основниот суд Велес.

 На средбата се утврди динамиката за следните чекори копи треба да ги преземат Синдикатот и Министерствата за да се утврди бенифицираниот стаж на судската полиција во Законот за пензиското и инвалидското осигурување. 

Истовремено со оваа средба, Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски одржа работна средба со Претседателот на Судскиот буџетски совет Киро Здравев на која се разговараше за Правилникот за додатоци на плата за судската полиција  и исплата на задржаните средства за време на штрајкот за судската полиција и помошно – техничкиот персонал. Од страна на Претседателот на Синдикатот на УПОЗ беше потенцирано дека за Синдикатот на УПОЗ не е прифатлива верзијата на Правилникот за додатоци на плата од страна на Министерството за финансии и побара во најбрз можен рок истата да се измени, а правилникот биде донесен за да и судската полиција може да добие додатоци на плата. Исто така се потенцираше дека ставот на Судскиот буџетски совет дека на судската полиција и помошно – техничкиот персонал не може да им се вратат парите од штрајкот поради немање законска можност е погрешен и дека средствата за тоа ги обезбеди Владата на Р. Македонија и истите се на сметката на судскиот буџетски совет.  

Третиот состанок во текот на вчерашниот ден се одржа со Министерката за правда проф-др Рената Дескоска, на кој присуствуваа Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски, Горан Тасевски и Ангелче Унев од Основниот суд Велес. На овој состанок се разговараше за конечно решение на проблемите за судската полиција и помошно – техничкиот персонал во судовите и јавнообвинителските службеници.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека Судскиот буџетски совет воопшто не сака да ги реши проблемите на судските полицајци и помошно – техничките вработени. И покрај обезбедените средства за време на штрајкот парите од страна на Владата задржаните средства од штрајкот овие категории не вработени ги немаат добиено, а судските полицајци и помошно – техничките вработени иако штрајкуваа мораа да ги извршуваат и редовните работни задачи.

Се истакна дека Министерството за финансии пет години го кочеше носењето на правилникот за додатоци на плата за судската полиција.   а сега кога конечно треба да се донесе истиот, Министерството за финансии неосновано ги намалува процентите за додатоците на плата.

На средбата се истакнаа и проблемите со кои се соочуваат јавнообвинителските службеници во поглед на додатоците на плата, неможноста за вработување на нови вработени и унапредување на јавнообвинителските службеници поради немање правилници за овие постапки, малите плати кои ги имаат јавнообвинителските службеници иако извршуваат повеќе работни задачи и се побара конечно решавање на статусот на вработените на определено работно време.       

Министерката за правда истакна дека ќе се заложи Правилникот за додатоци на плата за судската полиција да биде донесен во најбрз можен рок без намалени проценти за додатоци и истакна дека носењето на овој правилник ќе се искористи и за враќање на задржаните средства за време на штрајкот за судската полиција.

Се договори најкасно до 23.12.2019 година, Синдикатот на УПОЗ да достави предлози за враќање на задржаните средства за време на штрајкот за помошно – техничкиот персонал, но во крајна мера одлуката за поврат на овие средства ја носи Судскиот буџетски совет.

Во поглед на јавнообвинителските службеници Министерката информираше дека правилниците согласно Законот за јавнообвинителските службеници се потпишани и ќе се достават до законодавно правна комисија на одобрување со што во најбрз можен рок ќе се реши проблемот за унапредување и пополнување на упразнетите работни места со нови вработувања.   

Во поглед на додатоците на плата се истакна дека истите ќе продолжат и во следната година но крајната цел е овие додатоци да се пренаменат како покачување на плата во одреден износ со што на вработените ќе им се исплаќаат и придонеси, а воедно ќе имаат и повисока основица при заминување во пензија.

Во врска со вработените на определено време Министерката потенцираше дека за истото не може да коментира бидејќи за тоа прашање е исклучиво надлежен Јавниот обвинител.

Сите останати прашања ќе мора да се решаваат по изборите бидејќи постапката за измена на Законите од правосудството бара повеќе време и нема можности до почетокот на изборите да се најдат на дневен ред во Собрание.