• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

30.01.2020 година

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) пред истекот на 2019 година повторно го актуелизираше барањето судските полицајци да го добијат правото на т.н. бенефициран стаж.

Синдикатот на УПОЗ очекува конечно судската полиција да добие право на стаж на осигурување што се смета за зголемено траење или популарно наречениот бенефициран стаж.

Во таа насока, пред истекот на истекот на 2019 година, Синдикатот на УПОЗ одржа состанок со Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Судскиот Буџетски совет. Според договореното од овој состанок Синдикатот на УПОЗ до Министерството за труд и социјална политика, поточно до Секторот за пензиско и инвалидско осигурување поднесе иницијатива за измена на Законот за судска служба и Законот за пензиско и инвалидското осигурување.

 

При тоа, образложивме дека судските полицајци останаа единствени униформирани  службеници кои не добиле статус на овластени службени лица, со што не може да ја добијат и можноста за правото за стаж на осигурување што се смета за зголемено траење. Побаравме ИТНО да се започне постапка за измена на Законот за судска служба кој ја регулира работата на судската полиција и да се додаде член со кој тие ќе добијат статус на овластени лица. Побаравме и да се започне постапка за измена на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој ќе се утврди стаж на осигурување со зголемено траење за вработените во судската полиција.

Со жалење мораме да констатираме дека оттаму добивме еден нејасен одговор, неразбирлив за нас, кој единствено можеме да го протолкуваме само како вараќање на процесот назад.

Сакаме да потенцираме дека не се оди напред со враќање на процесите наназад!  Затоа ги повикуваме надлежните најпрвин да си го протолкуваат неразбирливиот одговор, а потоа да преземат чекори со кои конечно 183 вработени во судскатата полиција ќе го добијат правото кое го заслужуваат. Финансиските импликации кои ги пресметавме не се ниту големи ниту пак можат да го обременат Буџетот затоа што не се повеќе од 600 илјади евра.

Бараме Владата во најбрз можен рок да започне измена на наведените закони затоа што видот, обемот, природата и сложеноста на работата на судските полицајци е од таков тип што тие треба да влезат во графата за бенефициран стаж.