• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

10.07.2020 година

И во овој предизборен циклус, Синдикатот на УПОЗ продолжи со праксата да има разговори со политичките партии кои претендираат да ја освојат власта, со цел да ги презентираат своите ставови за вработените во администрацијата и правосудството.

Синдикатот на УПОЗ на 29.06.2020 година, се обрати до политичките партии и коалициите учесници на престојните парламентарни избори, со барања кои ќе значат подобрување на правата на вработените во државната управа и правосудството.

Овие барања исто така беа и јавно објавени преку медиумите и истите содржеа повик до политичките партии за одржување на работни средби со Синдикатот на кои тие воедно ќе можат да ги презентираат своите програми и планови кои се однесуваат на правата од работен однос на вработените во државната управа и правосудството.

На нашиот повик се одзваа две најголеми политички партии, ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ.

Првата работна средба се одржа со претставникот на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ г-дин Тимчо Муцунски. На оваа средба Синдикатот на УПОЗ ги истакна своите барања, но воедно и постави прашања до г-динот Муцунски кои се однесуваа за реформите во јавната администрација, како тие реформи ќе се одразат на вработените, дали како политичка партија тие предвидуваат зголемување на платите во администрацијата и правосудството и тоа во кој обем и за кој период и дали како политичка партија се подготвени за отворен социјален дијалог со Синдикатот на УПОЗ преку кој би се решавале проблеми на вработените.

Г-динот Муцунски истакна дека ВМРО – ДПМНЕ како политичка партија ќе се залага за зачувување на работните места во администрацијата, за поефикасна администрација, ќе инвестира во создавање квалитетни професионалци, повисоки плати и подобри услови за работа. Исто така г-динот Муцунски истакна дека на нашата држава и е потребна професионална и деполитизирана администрација, која ќе биде клучен фактор во процесот на евроинтегрирањето.

Втората работна средба Синдикатот на УПОЗ ја одржа со г-динот Дамјан Манчевски од СДСМ. Оваа работна средба беше искористена не само за презентација на барањата на Синдикатот, туку и за отворен разговор на актуелни теми и отворени прашања од програмата на СДСМ кои се однесуваат на вработените во администрацијата и правосудството.

Во врска со работните места во администрацијата и најавеното намалување на бројот на вработените за 20%, г-динот Манчевски истакна дека ниедно работно место нема да биде загрозено и дека ниту еден вработен нема да биде принуден да даде отказ или да биде принуден да го напушти работнотот место.

Најавеното намалување е предвидено да се одвива преку природен одлив на вработените (пензионирање), преку пакет отпремнини кои ќе бидат понудени на повозрасните вработени, доброволен пренос на вработените во приватниот сектор каде што би имале повисоки плати но и гаранции дека ќе го задржат новото работно место како и тоа дека во наредниот период нема да се планираат нови вработувања во јавниот сектор.

Г-динот Манчевски истакна дека СДСМ како моментална владеачка партија, за прв пат после 25 години го склучи Гранскиот колективен договор за вработените во државната администрација и правосудството со кој се вратија многу укинати права, а пред се регресот за годишен одмор популарниот К-15 во износ од 9.000,00 денари кој до крајот на тековната година треба да се исплати на 25.000 вработени. 

Исто така тој истакна дека измените кои ги најавија во законите, со кои ќе се олесни унапредувањето на вработените во администрацијата, за жал ги попречија предизборните активности и пандемијата со вирусот Ковид – 19, за уште посуштински измени на овие закони со кои на менаџерите на институциите ќе им се дадеше поголема слобода за унапредување на вработените во рамките на буџетот на институцијата без притоа да се бара согласност од Министерството за финансии.

Во поглед на зголемувањето на платите во администрацијата и правосудството, г-динот Манчевски потенцираше дека согласно програмата на политичката партија СДСМ се планира  просечната плата да порасне до 34.000,00 денари, а минималната плата до 20.000,00 денари. Во поглед на платите тој ја прифати идеата на Синдикатот, платите во државната управа и правосудстовот да растат со порастот на просечната плата.

До денот на објавување на оваа вест ниту една друга политичка партија не побара средба со Синдикатот на УПОЗ за презентација на своите програми.

Ваквата пракса за средби со политичките партии во два циклуси даде очекувани резулати а тоа го потвдува и фактот што на претходните парламентарни избори тогашната опозиција а сега власт, ги исполни скоро повеќе од 80% ветувањата кон Синдикатот. За изборите на 15-ти јули, оставаме нашите членови да го дадат гласот за онаа политичка партија за која тие лично сметаат дека нудат најдобри решенија за државната управа и правосудството.