Синдикатот на УПОЗ оствари работна средба со Премиерот на Р. Македонија Tалат Џафери

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Трпе Деаноски, заедно со претседателот на Синдикалната организација при Јавните обвинителства на РМ Изабела Илиева и членот на Извршниот одбор при СО при Јавните обвинителства Дритон Мемети, одржаа работна средба со Претседателот на Владата на РСМ Талат Џафери.

Оваа работна средба, се одржа на барање на Синдикатот на УПОЗ, а на истата се разговараше за проблемите со кои се соочуваат вработените во јавните обвинителства и судовите, но и за сите проблеми со кои се соочува Синдикатот на УПОЗ во овој период.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, на почетокот ги образложи барањата кои ги имаа вработените во јавните обвинителства, за кои оваа група на вработни штрајкуваше повеќе од три месеци. Барањата на Синдикатот на УПОЗ, беа да се зголемат платите и да се вратат додатоците на плата во износ од 35%. Исто така, Претседателот Деаноски ја искористи оваа прилика да го запознае Претседателот на Владата и со барањата на судската служба во врска со платите на вработените во судовите и враќањето на додатоците на плата.

Тема на разговор на оваа средба беше и укинувањето на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со што на вработените во Министерството за финансии, Управата за имотно правни работи и Бирото за јавни набавки им се ускрати правото на надополнување на платата во висина од 30%.

Оваа прилика беше искористена од страна на Синдикатот на УПОЗ, да се укаже и на носењето на Законот за административни службеници по скратена постапка, со која вработените во државната управа, нема да го добијат усогласувањето со порастот на минималната плата во месец март.

Претседателот на Владата на РСМ Талат Џафери, посочи дека е запознаен за дел од барањата на Синдикатот на УПОЗ и укажа дека ќе се заложи во рамки на неговите овластувања овие проблеми со кои се соочуваат вработените да бидат решени преку дијалог со Синдикатот, а во рамки на социјалното партнерство.