• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

29.08.2018 година

sredba

Со средбата меѓу претставниците на Владата и Синдикатот на УПОЗ во понеделник 27.08.2018 година, и официјално почнаа преговорите за потпишување на грански Колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата.

Во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) на 27.08.2018 година, се одржа работна средба меѓу претставници на Синдикатот на УПОЗ и Министри од Владата на Р. Македонија на која официјално започнаа преговорите за потпишување на Колективниот договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата.

На средбата освен претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски и генералниот секретар Трпе Деаноски присуствуваа и потпретседателот на Синдикатот на УПОЗ Васе Неданоски, претседателот на Одборот за административни службеници Зоран Георгиевски и Членот на Претседателството и Извршниот одбор на Синдикатот на УПОЗ Насуф Ќамили.

Од страна на Владата на Р. Македонија, на оваа средба присуствуваа Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска, Министерот за финансии д-р Драган Тевдовски, заменик министерот за МИОА Александар Бајдевски, државниот советник во МИОА Билјана Николоска – Жагар и државниот советник во Министерството за труд и социјална политика Ирена Ристеска.

Синдикатот на УПОЗ подолг период е во преговори со МИОА за потпишување на Грански Колективен договор и во таа насока состави работната група која подготви и достави предлог текст на Колективниот договор до МИОА. На одржаната работна средба со претставниците на Владата на Р. Македонија се утврди динамиката по која работните групи од двете страни ќе ги усогласуваат евентуалните разлики во Предлог текстот на Колективниот договор и се изрази заеднички заклучок дека можно е гранскиот Колективен договор да биде склучен најмногу за еден месец.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека со овој Колективен договор конечно мора да бидат утврдени поголеми права за членовите на Синдикатот и иако имаше спротивставени ставови во поглед на ова прашање се заклучи дека треба да се разгледаат искуствата од регионот и доколку постои можност да се утврдат поголеми права за членови а Синдикатот.

Исто така едно од прашањата за кои се разговараше беше и учеството на Синдикатот во изготвување на законите и подзаконските акти кои ја уредуваат работата на вработените, а особено во подготвување на правилниците за систематизација на работни места.

Доколку се потпише овој Колективен договор ќе биде прв грански Колективен договор за административните службеници и правосудните органи после 1995 година, и освен горе наведеното во него е предвидено да се добијат и голем број други права кои на државните службеници со години наназад им беа ускратувани.