На средбата со министерот Дамјан Манчевски е разговарано за повеќе актуелни прашања за административните службеници.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски, заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски и претседателот на Одборот за административни службеници Зоран Георгиевски остварија работна средба со Министерот на информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Оваа средба која претставува продолжување на воспоставениот социјален дијалог со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се искористи за изнаоѓање конкретни решенија за отворените прашања кои постојат во јавната администрација како што се:
- Добивање на соодветни решенија за степен на кариера и соодветно зголемување на вредноста на бодот на административните службеници;
- Зголемување на платите на административните службеници;
- Заштита на работните места на административните службеници при евентуалното намалување на бројот на вработените;
- Нов начин за пресметување на платите на административните службеници;
- Потпишување на Грански Колективен договор за административните службеници и другите вработени во државната администрација;
- Измени на Законот за инспекциски надзор и,
- Дополнителни измени на Законот за административни службеници.
Министерот Дамјан Манчевски информираше дека по направената анализа од МИОА и заклучокот на седницата на Владата на Р. Македонија од 06.02.2016 година, се преземени активности во насока степенот на кариера да биде испатен на сите административни службеници кои исполнуваат услови за тоа, а веќе започнатите судски постапки да се завршат со судско порамнувања или спогодба. Министерот Дамјан Манчевски исто така истакна дека доколку институциите прават притисоци врз вработените и не го исплаќаат степенот на кариера на тоа веднаш да се укаже до министерството за да лицата кои тоа го прават бидат санкционирани.
Во однос на прашањата за намалување на бројот на административни службеници кои беа актуелни во изминатиот период, Министерот Дамјан Манчевски наведе дека не треба да постои страв од губење на работните места бидејќи МИОА и Владата на Р. Македонија остануваат на ставот дека сите вработени во администрацијата ќе ги задржат своите работни места. Во оваа насока се подготвува детална анализа за бројот на вработени во администрацијата и доколку се утврди дека во одредени случаи постои превработеност, одреден број вработени исклучиво со нивна согласност би биле преземени кај работодавач од реалниот сектор кој би ја гарантирал сигурноста на работното место.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ и Министерот Дамјан Манчевски истакнаа и заеднички став дека институциите имаат обврска доследно да ја почитуваат одлуката за работното време која беше донесена во полза и за сметка на вработените.
На крајот на средбата Претседателот на Синдикатот на УПОЗ и Министерот Дамјан Манчевски во знак на продолжување на добрата соработка и социјалниот дијалог се договорија наредната средба да биде остварена на седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ.