СИНДИКАТОТ НА УПОЗ ЈА ОДРЖА ПРВАТА РАБОТНА СРЕДБА СО НОВИОТ МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА Проф. д-р РЕНАТА ДЕСКОСКА

На средбата се разговараше за статутот и положбата на вработените во судската и јавнообвинителската служба и вработените во казнено поправните и воспитно поправните установи, а беа отворени и прашања околу потпишување на Колективен договор за правосудните органи, како и измени на посебните закони за вработените во правосудството.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски остварија работна средба со Министерот за правда проф. д-р Рената Дескоска.

 Оваа средба треба да преставува пресвртница во воспоставувањето на нов социјален дијалог со Министерството за правда, која во изминатиот период беше на најниско ниво. На оваа прва средба со министерката Дескоска се разговараше за неколку прашања, а посебен акцент беше ставен за решавање на отворените прашања за враќање на незаконски задржаните средства за време на штрајкот на вработените во судовите од 2016 година, запирање на предложените измени на Законот за судската служба и носење на сосема нов Закон, решавање на исплатата на додатоците на плата за јавнообвинителските службеници и конечно решавање на проблемите на вработените во КПУ и ВПУ.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ детално ја запознаа Министерката со незаконската постапка со која на штрајкувачите им беа скратени дел од платите за време на штрајкот во судовите од 2016 година. Истовремено, министерката беше запознаена дека за овој проблем е разговарано и со Премиерот на Р. Македонија и беше побарано во најбрз рок да се најде решение со кое овие средства ќе им се вратат на штрајкувачите.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ исто така истакнаа дека повторно не се вклучени во носење на измените на Законот за судска служба и до министерката доставија забелешки на предложениот Закон за измена на Законот за судска служба и побараа предлог законот да се повлече од причина што истиот не утврдува поволни одредби за унапредување на вработените во судската служба. Исто така, беше побарано во иднина Синдикатот на УПОЗ да биде вклучен во сите измени на законите и подзаконските акти и беше посочено дека првата измена која треба да се направи во Законот за судска служба е да се утврди правото судските службеници да ги добијат додатоците на плата за посебни услови, постоење на висок ризик, доверливост и ноќна работа како што тоа го добија судиите, јавните обвинители и јавнообвинителските службеници, Синдикатот на УПОЗ да добие член во Советот на судска служба и можност стручните соработници да бидат избирани за судии.

Во однос на јавнообвинителските службеници беше побарано повторно да почне исплата на додатоците на плата и да се реши проблемот со степенот на кариера кој им следува на овие вработени.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ исто така побараа да се оствари заедничка средба на Синдикатот на УПОЗ и Министерката со Директорот на управата за извршување на санкции за да конечно се решат проблемите во казнено поправните и воспитно поправните установи кои опстојуваат повеќе години.

Министерката Дескоска изрази подготвеност и воља за решавање на сите отворени прашања кои ги поставија претставниците на Синдикатот меѓу кои и отвореното прашање за изнаоѓање на работодавач на судската служба и конечно потпишување на колективен договор со кој би се унапредиле правата на оваа група вработени.