АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ НЕ СЕ НЕРАБОТНИЦИ

Реакција на Синдикатот на УПОЗ по повод изјавите на премиерот Зоран Заев за не ефикасноста на јавната администрација и генерализирањето дека сите вработени во администрацијата се не работници.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ),  реагира на, во последно време зачестените изјави на премиерот Зоран Заев за наводната катастрофална продуктивност на администрацијата и дека таа е полна со неработници и партиски кадри и дека вработените во администрацијата не заслужуваат зголемување на платите. 

Во истите изјави беше посочено дека зголемување на платите ќе добијат вработените во здравството, образованието и одбраната, но не и во другите сектори, односно во администрацијата, каде што според Премиерот, дури треба и да се замрзнат платите.     
 
Вака искажаните ставови од Претседателот на Владата на Р. Македонија, се неприфатливи за Синдикатот на УПОЗ ако се има во предвид фактот дека токму Владата на Р. Македонија е работодавач на вработените во јавната администрација. 
Неговиот став дека администрацијата не работи и дека работи на принципот „клати врата земи плата“, всушност покажува дека владата, министрите, директорите, раководителите на сектори и одделенија кои ги назначува Владата, се оние кои треба да бидат одговорни за лошото менаџирање и вината треба да ја побара кај нив, а не кај административните службеници. 
 
Со ваквите ставови премиерот генерализира состојба и создава впечаток за вработените во администрацијата дека сите до еден се неработници. Овие ставови на премиерот не само што се не умесни, тие се и загрижувачки, особено што се изречени од него и особено кога за одредени сектори како што се образованието, здравството и одбраната вели дека треба и мора да има покачување на платите, а за администрацијата не. Прашуваме, дали ова значи дека сите вработени во образованието, здравството и одбраната стручно и совесно ги извршуваат своите задачи, а само вработените во администрацијата според премиерот: „пијат кафиња, читаат весници и коментираат по портали“?
 
Затоа на крајот Синдикатот на УПОЗ сака да го праша премиерот дали знае колкави се примањата на вработените во администрацијата, зошто овие вработени немаат регрес за годишен одмор, кога било последното зголемување на нивните плати, дали имаат основни услови за работа и дали се жртви на мобинг токму од политички поставените директори или раководители? 
 
Дали премиерот може да објасни зошто вработени со работно искуство повеќе од 25 години се уште имаат статус на помлад референт, а ново примени вработени без ден работно искуство стануваат раководители, директори па дури и министри? Зошто за да се применат некои законски одредби кои се во корист на работникот мора да интервенираат инспекциските служби и да се бара судска заштита и зошто се уште се исплаќаат плати со правилници и одлуки наместо со Колективни договори и закони?
 
Реагирајќи на ваквите неосновани ставови на премиерот за администрацијата, Синдикатот на УПОЗ сака во целост да го демантира неговиот став дека целата администрација се не работници и да укажеме дека работодавачите се должни кон „неработниците“да ги применуваат законските одредби, а доколку некогаш најдат некој добар работник истиот и да го наградат.
 
Затоа Синдикатот на УПОЗ испраќа порака до премиерот да ги преиспита ваквите ставови и наесен очекува зголемување на платите во администрацијата како и за другите вработени во јавниот сектор.