Износот на платите во администрацијата, исплата на плата пониска од минималната плата, почитување на одредбите на колективните договори и вакцинација на вработените во администрацијата беа дел од прашањата на Синдикатот за кои се разговараше на средбата со Министерот Јетон Шаќири.
На барање на Синдикатот на УПОЗ, Претседателот на Синдикатот Пецо Грујовски и Генералниот секретар Трпе Деаноски одржаа работна средба со Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) г – дин Јетон Шаќири.
Претставниците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека иако има постојан пораст на просечната плата на ниво на државата, платите во администрацијата остануваат исти, а во многу институции административните службеници од категоријата Г добиваат плата пониска од минималната плата. Исто така се потенцираше дека во овој момент 95% од административните службеници имаат плата пониска од просечната плата на ниво на државата, а со секојдневниот пораст на цените на производите, со платите во администрацијата не можат се подмират ни основните средства за живот.
Претставниците на Синдикатот на УПОЗ на оваа средба го актуелизираа проблемот со вакцинација на вработените во администрацијата, особено на оние вработени кои се во непосреден контакт со странки и се изложени на висок ризик од пренесување на заразни болести.
Министерот информираше дека во новиот Закон за административните службеници е предвидена нова пресметка на плати со кој ќе се добие и одредено зголемување на примањата, а со пристигнување на вакцините на крајот на овој месец е предвидена и вакцинација на ризичните групи вработени во администрацијата кои имаат секојдневни контакти со странки.
Министерот за МИОА Јетон Шаќири истакна дека за сите чекори кои ќе ги презема Министерството, Синдикатот на УПОЗ навремено ќе биде известен и вклучен.