Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, денеска на прес-конференција пред Основниот суд Куманово, алармираше дека конечно дојде ножот до коска за вработените во Основниот суд Куманово кои со години трпеа невидено психичко малтретирање, понижувања и закани од страна на претседателката Снежана Манева, при што речникот со кој се соочуваа секојдневно, дури и пред странки и граѓани, изобилуваше со навреди како „говеда“, „џукела“, „глупи сте“, закани дека ќе бидат запалени или дека од институцијата се излегува само со брза помош.
Како доказ за целосното отсуство на емпатија Претседателот Деаноски, посочи дека кога вработена се повредила на работното место наместо помош добила коментар дека "дебелата крава намерно паднала за да се повреди", а покрај тоа претседателката ги навредувала колегите и по национална и верска основа, што беше официјално нотирано и во извештајот на Судскиот совет од 2023 година.
Како директен резултат на ова самоволие бројот на вработени се стопи од 165 на само 115 лица, платите и додатоците редовно не беа исплаќани па завршуваа со тужби на товар на судскиот буџет, а самата зграда по претходниот пожар остана со опасни пукнатини и настрешници кои висеа над минувачите.
Бидејќи надлежните институции и Судскиот совет со години замижуваа и наместо суштинска заштита вршеа притисок врз потпишаните работници, претседателот Деаноски постави јавно прашање како воопшто беше избран претседател на суд без психолошко тестирање и побара итно отворање постапка за нејзино разрешување согласно Законот за судови.
Доколку не бидат преземени мерки од страна на Судскиот совет, работниците и Синдикатот на УПОЗ ќе преминат не само кон масовни протести туку и кон целосна блокада и затворање на работата на Основниот суд Куманово.