СРЕДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА АКТУЕЛНИТЕ ПРОБЛЕМИ

Наоѓање конечно решение за исплата на регресот за годишен одмор за 2020 година, проблемите со исплата на плата под минималната за вработените во администрацијата и  донесување на рамковниот закон за платите на вработените во јавниот сектор беа дел од прашањата за кои разговаравме на средбата со Министерката Јагода Шахпаска.

На барање на Синдикатот на УПОЗ,  Претседателот на Синдикатот Пецо Грујовски, и Генералниот секретар Трпе Деаноски на 09.04.2021 година, одржаа работна средба со Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Главен акцент на оваа средба беше ставен на барање за исплата на регресот за годишен одмор за 2020 година. Претставниците на Синдикатот на УПОЗ повторно ги проследија предлозите на Синдикатот за решавање на ова прашање, но и ја запознаа Министерката за поддршката која најголемите европски синдикати од јавниот сектор му ја даваат на Синдикатот на УПОЗ за решавање на ова прашање.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ на оваа средба го актуелизираа проблемот што одреден број на вработени во државната администрација повеќе од една година примаат плата под минималната плата. Побараа Министерството да се заложи да се изнајде решение за овој проблем бидејќи системот на плати во администрацијата не е поврзан со минималната плата, а со секое зголемување на минималната плата вработените се се повеќе оштетени.

Министерката за труд и социјална политика истакна дека социјалниот дијалог и  социјалното партнерство ќе се почитуваат и уште повеќе ќе се надградуваат и дека голем број на прашања ќе се решат со изготвување на новиот Закон за работните односи.