Решавање на проблемите на вработените во казнено-поправните и воспитно-поправните домови и подобрување на условите и средствата за работа, примена на одредбите од Гранскиот колективен договор и Законот за извршување на санкции, активностите околу потпишување на Колективниот договор за КПУ И ВПУ, беа дел од прашањата за кои се разговараше со Директорот на управата за извршување на санкции Маријан Спасовски.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски, заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски, проследија низа барања и го запознаа директорот на Управата за извршување на санкции со проблемите со кои се соочуваат вработените во КПУ и ВПУ.
На оваа средба беше констатирано дека со измените на Законот за извршување на санкции се подобрија одредени права на вработените во КПУ и ВПУ но се уште постојат отворени прашања кои се провлекуваат со години и кои конечно е потребно да се решат.
Директорот на управата за извршување на санкции изрази спремноста за соработка и обновување на социјалниот дијалог со Синдикатот на УПОЗ и истакна дека во Синдикатот на УПОЗ како репрезентативен Синдикат гледа сериозен партнер и коректор на работата ба Управата за извршување на санкции.
Од негова страна беше потенцирано дека веќе се започнати сериозни чекори за набавка на нова опрема за работа и нови униформи и истакна уверување дека за неколку месеци овој долгогодишен проблем ќе биде решен.
Двете страни се согласија дека соработката помеѓу Синдикатот на УПОЗ и Управата за извршување санкции во иднина треба да продолжи со засилен интензитет со цел остварување, заштита и подобрување на правата на вработените во КПУ и ВПУ.