На последната седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ, по една од точките на дневниот ред се расправаше за функционалната анализа која треба да се спроведе во сите институции до крајот на оваа година. Кратко излагање по оваа точка имаше членот на Синдикатот на УПОЗ Александар Диље кој има големо искуство по ова прашање и ги наведе битните елементи кои треба да ги знаат претставниците на Синдикатот и вработените воопшто при изготвувањето на вертикалната функционална анализа.
Согласно член 5 од Гранскиот колективен договор: „ Синдикалните организации на Синдикатот на УПОЗ учествуваат со свој преставник во процесот на спроведување на вертикална функционална анализа, изготвување на правилниците за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и на нивните измени и дополнувања“.
Учеството на синдикалниот претставник во изготвувањето на вертикалната функционална анализа е од голема важност бидејќи согласно Законот за вработените во јавниот сектор (ЗВЈС), институциите имаат обврска да ги подготвуваат актот за внатрешна организација и актот за систематизација на работните места, врз основа на функционалата анализа. Со други зборови, доколку со функционалната анализа се утврди дека одредени работни места, одделенија или сектори не се потребни за извршување на основните функции на институциите, можно е да дојде до кратење на тие работни места, одделенија и сектори и прераспоредување или престанок на работниот однос на вработените.
Поради горе наведеното како претседателите на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, задолжително да учествуваат активно во работната група која ќе ја изготвува функционалната анализа, навремено да го известуваат Синдикатот на УПОЗ доколку се јават проблеми при изготвувањето на функционалната анализа за да заеднички ги преземеме сите потребни чекори за заштита на работните места на членовите на Синдикатот на УПОЗ.