РАБОТОДАВАЧИТЕ ДА НЕ ГИ ТОЛКУВААТ УРЕДБИТЕ НА ВЛАДАТА КАКО ИМ ОДГОВАРА

Од претседателите на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, пристигнуваат се повеќе информации дека голем број од институциите не се придржуваат, односно ги прекршуваат одредбите до Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба (Службен весник бр.95/20).

Имено, во член 2 став 1 од Уредбата е наведено дека: Вработените во јавниот сектор кои се работно ангажирани за времетраење на мерките за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата“.

Оваа одредба иако е прецизна и јасна, во одредени институции од како биле изготвени плановите за користење на годишниот одмор истите се повлечени и спротивно на горе цитираната одредба, вработените кои извршувале работни задачи за целото време на вонредната состојба се известени дека преостанатите денови од годишниот одмор од 2019 година им се сметаат за искористени.

Во други институции пак, работодавачите изготвуваат решенија со кои што, не само што не им дозволуваат на вработените да ги користат преостанатите денови од годишниот одмор за 2019 година, туку работодавачите (без барање од вработените) им ги одземаат и деновите од годишниот одмор кој им следува за 2020 година.

Ваквите дејствија на работодавачите (директорите, министрите и градоначалниците), не само што се спротивни на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба и Законот за работните односи, спротивни се и на членот 32 од Уставот на Р. Македонија.

Затоа ги охрабруваме сите членови на Синдикатот на УПОЗ кои ќе добијат Решенија за годишен одмор а ги извршувале работните задачи, истите да поднесат жалба за донесеното решение.

Исто така, сакаме да Ве информираме дека Синдикатот на УПОЗ се обрати писмено до Владата на Р.С.Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација за дејствијата кои ги преземаат одредени работодавачи.