ЧЕСТИТ ПРВИ МАЈ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ТРУДОТ

ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС 2020

Сегашната криза, предизвикана од прогласената пандемија на Ковид-19, ја затекна нашата држава во услови на распуштено Собрание и Техничко-партиска Влада. Владата се одлучи да оди со навидум силни заштитни мерки, а фактички по линијата на послаб отпор и префрлање на сиот товар од Кризата на „малиот човек“, кој добива пониска плата, кој го губи работното место и постојано е под некој притисок. Но најбогатите . продолжуваат да се богатат на маката на сиромашните, да жнеат „воени камати“, да си исплаќаат дивиденди, да плаќаат пониски даноци, па дури и да добиваат државна поддршка за наводно „изгубените“ профити?!?!

Ѝ порачуваме на Владата, која ја предводи партија која е номинално социјалдемократска, дека е крајно време да преземе поинакви чекори - во насока на заштита на „малиот човек“, односно на сиромашните, работниците, експлоатираните, маргинализираните, ранливите, па дури и по цена на посегнување по џебот на традиционалниот партнер на секоја Влада – богатите, големите компании, моќните, олигарсите.

БАРАЊЕ БРОЈ 1: Даночење на оние кои имаат, а не на оние кои немаат.

  • Воведување прогресивен данок на добивка, со стапка од 20% на добивката која надминува еден милион евра. Со ова ќе се оданочат најпрофитабилните 200 компании во државава, кои профитираат и во кризава. Со оваа мерка, ќе се соберат дополнителни околу 100 милиони евра на годишно ниво.
  • Воведување прогресивен данок на личен доход, со стапка од 20% за доходот над 1500 евра месечно, и 30% за доходот над 2500 евра. Со ова ќе се оданочат најбогатите 1% луѓе во државава. Со оваа мерка ќе се соберат дополнителни 50 милиони евра на годишно ниво.
  • Укинување на горниот лимит за пресметката на социјалните придонеси, кој ги привилегира лицата со плати над 10.000 евра месечно. Најплатените 250 директори во државава имаат плати над 10.000 евра месечно, а плаќаат придонеси за социјално осигурување од само 9%, за разлика од другите граѓани кои плаќаат 28%, поради горниот лимит на износот на придонеси кој некој може да го плати. Со ова, ќе се соберат дополнителни 10 милиони евра.
  • Воведување данок на непласираните средства на банките, во висина од 2%. Со овој данок, ќе се соберат околу 10 милиони евра на годишно ниво.

  • Воведување данок од 30% на исплатените дивиденди. Многу фирми, вклучувајќи и банки, исплатија и исплаќаат дивиденди и во кризава, што е економски неоправдано, па дури и нехумано.
  • Поништување на покачувањето на акцизите. Акцизата е давачка која ја сносат и посиромашните луѓе и малите фирми, кои се најпогодените од кризава. Нејзиното покачување за времетраењето на кризава е неоправдано, особено во услови која најбогатите продолжуваат да плаќаат пониски даноци. 

БАРАЊЕ БРОЈ 2: Работење во интерес на „малиот човек“, а не на моќниците.

Крајно незадоволни поради потценувањето и игнорирањето на работничките и работниците со чиј труд се обезбедува егзистенцијата и на бизнисмените и на политичарите, повторно бараме Владата да ги преземе следниве поединечни мерки: 

  • Да не се дава финансиска поддршка на фирми кои ќе отпуштаат работнички и работници за време на кризава.

  • Проширување на правото на паричен надоместок за невработени, во насока ова право да можат да го остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината.. Владата мора да ги заштити овие лица.

  • Да се донесе уредба дека платите на работничките и работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20% за време на оваа криза, како што е дефинирано со Општиот колективен договор за приватниот сектор. Изминативе недели, многу фирми ги намалуваа платите за дури 50%, повикувајќи се на „виша сила“, што не смее да се дозволи.

  • Да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работнички/работници и немаат речиси никакво социјално, ниту здравствено осигурување. Конкретно, бараме овие лица, по примерот на самостојните уметници и спортистите, да добиваат финансиска помош во месечен износ од 14.500,00 денари.

  • Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата, од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.

  • Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби во време на кризава, при спогодбени откази, откази од страна на работодавачи и сл. Државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници од изминативе недели.

  • Приватниот сектор да прекине со несовесното однесувње кон јавната администрација квалификувајќи ги вработените како неработници, забушанти, клати врата земај плата. Тие треба да бидат свесни дека сите услуги за нивните бизниси за нив и нивните семејства ги добиваат од овие луѓе, од јавната администрација, квалитетно и навремено.

  • Синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и кои се залагаат за работниците и за работничките права задолжително да бидат консултирани при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.

БАРАЊЕ БРОЈ 3Владата најитно да излезе од заложничката состојба и да му помогне на Претседателот на Републиката најитно да продолжи со работа не распуштеното Собрание туку „Собранието во оставка“ кое е исто толку во оставка колку што е и самата Влада.

  • Ваквото решение не е само неопходно за враќање на демократијата во нашата држава, туку и можеби единствениот начин да се застане на пат на „воените“ профитери и нивните слуги.

Работничките и работниците не молчат ниту во време на пандемија! И со маски, ќе бидеме гласни!

Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)

Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Левичарско движење „Солидарност“

Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)

Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ)

Независен академски синдикат (НАкС)

Здружение на граѓани „Гласен текстилец“