Словенечката Влада го претстави т.н. “Мега корона Закон” со кој граѓаните и економијата ќе добијат три милијарди евра
Словенечката Влада, по дводневното заседание, конечно го усогласи и објави таканаречениот “Корона Закон” со кој граѓаните и компаниите ќе добијат директна државна финансиска помош од три милијарди евра. Целта на овие закони е да се ублажи финансискиот удар врз граѓаните и економијата поради епидемијата на корона вирусот.
Според одлуката, сите само вработени, кои поради епидемијата не можат да остварат соодветен приходи, ќе добијат помош од 700 евра, а државата ќе им ги плати и придонесите.
Помош од државата во висина од 150 евра ќе добијат и сите редовни студенти во Словенија.
Додаток на плата во висина од 100 евра ќе добијат и семејствата со три деца, а оние кои имаат повеќе ќе добијат државна помош од 200 евра месечно.
Државни пари на смета ќе добијат и пензионерите, а висината ќе зависи од тоа колкава им е пензијата. Оние со најниски пензии до 500 евра ќе добијат 300 евра помош, тие од 600 ќе добијат 230 евра од државата, а оние со пензии над 700 евра им следуваат 130 евра помош.
Дополнително, здравствените трошоци за време на епидемијата целосно ќе ги покрива Фондот за здравство, а не работодавачот. Оние кои се изложени на опасност поради својата работа за време на епидемијата ќе добиваат поголема плата од 10 до 200 отсто, а се препорачува и приватните компании да го следат истиот пример и на вработените кои се во ризик да им ги зголемат платите.
Функционерите именуван од Владата ќе добиваат 30 отсто помала плата за време на епидемијата.