СЕ ОДРЖА ГОДИШНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА СИНДИКАТОТ НА УПОЗ

На редовната Годишна конференција на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) учествуваа и министерот за информатичко општество и администрација Манчевски, како и претставници од министерството за правда. Оваа конференција беше поделена во два дела. Во првиот дел стана збор за актуелните законски измени кои се однесуваат на административните службеници, правосудните органи и другите закони кои ги засегаат членовите на Синдикатот на УПОЗ, а во вториот за досегашните и идните активности.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) ја одржа Годишната конференција на која учествуваа претставници на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, како и претставници на членовите на Советот на ССМ од Синдикатот на УПОЗ, Надзорниот одбор, Статутарната комисија, Секцијата на млади и Секцијата на жени.

Учество во работата зедоа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и високи претставници од минстерството за правда.

Годинава конференцијата на Синдикатот на УПОЗ беше поделена во два дела и тематски насочена. Главен акцент на расправата беа актуелните законски измени кои се однесуваат на административните службеници, правосудните органи и другите закони кои ги засегаат членовите на Синдикатот на УПОЗ. Не помалку важни за синдикалното движење се и досегашните и идните активности кои ги имаат синдикалните организации. 

Годишната конференција ја отвори претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецо Грујовски, а свое учество во дискусиите земаа и останатите присутни.

Од дискусиите може да се заклучи дека во прв план и натаму се актуелните проблеми на членовите на Синдикатот на УПОЗ во остварувањето на правата од работен однос, како и активностите околу потпишувањето на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, односно финализирање на активностите за негово потпишување, а една од темите што се наметна беа и актуелните покачувања на платите во одредени сектори. 

Општо познато е дека преговорите за потпишување на Колективниот договор меѓу претставниците на Министерството за информатичко општество и администрација и Синдикатот на УПОЗ почнаа кон крајот на август 2018 година, а сега пред крајот на оваа 2019 година за очекување е да се стави и долгоочекуваниот потпис од двете страни.

Оптимист е и министерот за информатичко оптшество и администрација кој изјави дека најдоцна до крајот на годинава се очекува да биде потпишан гранскиот колективен договор за администрација, за што веќе подолго време преговараат Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација.

„Ние долго време сме блиску до договор, но никако да го потпишеме. Морам да дадам и признание, што не ми одговара, дека не сакаат да потпишат што било и се борат за нивните права до крај. Затоа можеби трае дијалогот подолго време. Следната недела на оваа тема ќе имаме средба во Владата и мислам дека ќе можеме да најдеме некакво заедничко решение, но да не прејудицираме. Финансиските можности во државата се онакви какви што се и правиме напори да излеземе во пресрет на се она што се бара”, изјави министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски по денешната годишна конференција на Синдикатот на УПОЗ.

И од Синдикатот се надеваат дека наскоро ќе го заокружат процесот на преговарање со потпишување на колективен договор. Ако тоа се случи ова ќе биде прв Грански колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи после 1995 година.

По надминувањето на разликите и по она што досега е договорено со овој Колективен договор е предвидено да се добијат поголеми права од оние кои се предвидени во законите.

Во однос на платите во администрацијата, од Синдикатот на УПОЗ предлагаат платите да го следат порастот на просчената плата во државата со сегашната утврдена вредност на бодот.

На овој начин, доколку дојдеме до договор, мислам дека ќе го решиме проблемот со незадоволство кај администрацијата”, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Инаку, на новиот Колективен договор работи работна група составена од претставници од министерствата за информатичко општество и администрација, за правда, за финансии и за труд и социјална политика. Тие заедно со претставниците на Синдикатот разговараат и се во добра насока за финализирање и на последните разлики за конкретните предложени решенија.

Во дебатата што се разви на самата Годиншна конференција неминовна беше и рекацијата на престтавниците на синдикатите во врска со одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци со која додатоците на плата на судиите за септември и октомври се зголемени за 10 проценти, а на судската администрација за пет отсто. Судските службеници жестоко реагираа на оваа одлука и се пожалија пред претставниците на влсата за деградирачкиот третман од страна на Судскиот буџетски совет кој со ваков начин на работење ги дискриминира сите вработени административно технички работници во правосудниот систем, а факт е дека без нивната техничка поддршка тие сами не би можеле да работат!

Со апсурдна одлука на Судскиот буџетски совет се привилегира една категорија на вработени - судиите кои го злоупотребуваат Судскиот буџетски совет со кој самите располагаат. Оваа нивна рекација беше поддржана и до министерот Манчевски кој рече дека можеби треба да се размислува во насока на регулативата во овој дел со цел да не се случуваат вакви несакани работи.

Во оваа прилика престедателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски ја искористи можноста да потсети на нивниот предлог доставен до Владата за нов начин на пресметка на платите во администрацијата, односно УПОЗ предлага вредноста на бодот за пресметка на платите да не ја носи Владата туку вредноста на бодот да биде просечната бруто плата исплатена на ниво на држава секој месец. Ваков систем на пресметка на плати веќе постои во многу земји во Европа и тоа значи дека ако просечната плата расте ќе расте и платата, а ако паѓа ќе се намалува и платата. На тој начин администрацијата ќе ја има и одговорноста која и се бара и за која цело време се зборува во јавноста, а воедно ќе учествува и во растот на БДП и растот на социјалниот стандард во државата.

Претседателот Пецо Грујовски присутните ги информираше дека за овој нивен предлог добиле и одговор.

Морам да кажам дека нашето писмо и прелдог бил со внимание разгледан и добивме одговор од Канцеларијата на претседателот на Владата во кој не известуваат дека се расположени за средба меѓу нас со надлежните министерства во врска со оваа наша заложба, рече  претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Тој исто така информираше одредени организации ја препознале работата на Синдикатот и се зачлениле во него, а резултатите говорат дека се формирани и нови седум синдикални организации со што, како што рече се зајакнува нивната позиција како синдикат.

И на оваа Годишна конференција се уште е актуелна темата за реформите предвидени во администрацијата кои се уште не се заокружени, а се со цел да се заведе ред во  институциите, но и да се воведе високо административна служба за да се спречи политизацијата на јавната администрација. Дел од овие законски измени се веќе во процедура и се пред нивно конечно донесување. Очекувањата се големи, а за можностите и реализацијата ќе покаже времето.

Министерот Манчевски пред претседателите на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ изрази задоволство од скорешните зголемувања на платите во администрацијата, нешто што беше ветено во минатата година и што се реализираше годинава. Тој рече дека тие како Влада сакаат да го задржат овој тренд.

На состанокот се отворија и други прашања значајни и поврзани со работата на синдикалните организации, формирање на нови синдикални организации, придобивање на нови членови и слично.