Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација на конференција за медиумите реагираа на апсурдната одлука на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци на плата со кои судиите си поделија додатоци во износ од 6.000 до 9.000 денари, а за судските службеници само од 500 до 1.500 денари, како и за немањето желба да ги исплатат парите на сите учесници во штрајкот во 2016 година (судската полиција, помошно - техничкиот персонал, пензионираните работници и работниците преминати во друга организација).
Синдикатот на работниците од Управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и Здружението на судската администрација реагираат на одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци со која додатоците на плата на судиите за септември и октомври се зголемени за 10 проценти, а на судската администрација за пет отсто.
Со оваа апсурдна одлука на Судскиот буџетски совет судиите за исплата на додатоци на плата за септември и октомври си поделија додатоци во износ од 6.000 до 9.000 денари, а за судските службеници само од 500 до 1.500 денари. Според Синдикатот, со ваквата одлука се привилегира една категорија на вработени - судиите кои го злоупотребуваат Судскиот буџетски совет со кој самите располагаат. И оваа одлука покажа и докажа дека нема крај на апсурдите на Судскиот буџетски совет и тоа со исплата на додатоци на плата и за членови на Судскиот совет што е спротивно на законот, а за месец септември и октомври наместо по 5% и за судиите и за судските службеници тие си доделија 10% со апсурдно образложение дека во месец септември судските службеници добиле покачување на плата од 5%, и со цел да не останат “покуси” тие го прекршија законот повторно. Дали ова се прави од незнаење или намерно, но можеме да ги потсетиме дека нивните плати се регулирани со закон и очигледно не прават разлика што е плата а што е додаток на плата.
Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски рече дека ваквата одлука може да ја корегира само Судскиот буџетски совет кој има независен буџет, и затоа бараат корекција на ваквата одлука, како и конечна исплата на задржаните плати за време на штрајкот за сите вработени и итно донесување на правилникот за судска полиција во спротивно следува штрајк.
„Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација најпрвин сакаат да го решат проблемот со дијалог, доколку не, се знаат нашите чекори. Доколку бидеме игнорирани од страна на Судскиот буџетски совет, следната недела стапуваме во протест сите судови, а ќе размислуваме и за други начини на бојкот на работата и последното решение на синдикатот секогаш е штрајкот”, рече Трпе Деаноски, генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ.
„Сето ова предизвикува револт меѓу вработените во судовите. Револтот произлегува бидејќи отсуствува критериум врз основа на кој една категорија на вработени во судовите се одделуваат од останатите вработени. Судската служба има легитимно право да бара од Судскиот буџетски совет одговор врз кој критериум една категорија на вработени е привилегирана и добива додаток на плата двојно повисок од судските службеници”, рече Сашо Темелковски од Здружението на судската администрација.
Да потсетиме. И покрај бројните ветувања на судските службеници сѐ уште не им се исплатени платите од 2016 година, за периодот додека протестираа. Станува збор за 40 отсто од плата за месеците јуни и јули.