Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjовски, генералниот секретар Трпе Деаноски и членот на Одборот на административните службеници Александар Диље земаа учество на јавната расправа за измените на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници во организација на Министерството за информатичко општество и администрација.
На јавната расправа учествуваа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и Билјана Николовска Жагар, државен советник за јавна администрација во МИОА.
Зголемување на ефикасноста на работењето на јавниот сектор и на администрацијата, како и решавање на проблемите во однос на неприменливоста на одредени одредби од постојните закони, е целта на предложените измени на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор.
Министерот Манчевски, пред почетокот на дебатата истакна дека со измените на многу места се поедноставуваат постапките, се координираат особено стратешките планирања во однос на вработувањата, буџетот и што е она што е потребно на институциите согласно со нивните функционални анализи. Сето тоа е во согласност, со како што рече, големата реорганизација и оптимизација на целиот систем на јавниот сектор.
Министерот Манчевски истакна, дека на почетокот на октомври ќе се пушти во употреба електронскиот регистер на население со сите столбови што се дел од стратегијата за реформа на јавната администрација.
Во рамките на дебатата претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујоски укажа на повеќе забелешки во однос на предложените законски измени во делот на унапредувањето на административните службеници, на оценувањето, на дисциплинските постапки, а во делот на барањата за пресметката на платите кои ќе овозможат поголеми покачувања, рече дека имаат поддршка и од премиерот, но немаат одговор од МИОА и од Министерството за финансии.
Во делот на додатоците и надоместоците на плата Синдикатот на УПОЗ предлага тие да се воведат за работен учинок и зголемен обем на работа, потоа регрес за годишен одмор, јубилејни награди, отпремнина за заминување во пензија да бидат регулирани со колективни договори и тоа право да биде вградено во законот. Синдикатот бара и додаток на плата за овластувања, за што сега не се добива соодветен надоместок.
„Има разбирање меѓутоа тоа треба да се преточи во предлог законот. Никако не треба да дозволиме како синдикати измените да влезат во собраниска процедура, оти потоа решение се амандмани, а тоа е веќе завршена работа”, рече Грујовски.
Министерот Манчевски најави и поголема ефикасност на администрацијата која според него ќе може да се овозможи со вториот голем проект кој што го спроведуваат со ЕУ за реорганизација на институциите при што се споредуваат сите закони на институции што се препоклопуват со ингеренциите, и слично.
Тој рече дека во делот на намалување на бројот на вработени, покрај укинување на вишокот работни места, предвидени се три генерални пакет-мерки подготвени со стопанските комори, синдикатите, граѓанскиот сектор. Со првиот се нуди поголема плата во приватен сектор со субвенции на државата во делот на придонесите, вториот е државата да ја плати преквалификацијата за оние кои ќе преминат во приватниот сектор, а ќе има и други пакет-мерки.
Во неколкуте работни средби со Синдикатот на УПОЗ, Министерот Манчевски а и на вчерашната јавна распава беше дециден дека во делот на државната администрацијата не се предвидува намалување на вработените а во некои институции ќе има и нови вработувања.