ЧЕСТИТКИ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски учествуваше на одбележување на 20 годишниот јубилеј од основањето на Синдикатот на управата на Република Српска

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски се одзва на поканата и присуствуваше на 20 годишниот јубилеј од основањето на Синдикатот на управата на Република Српска што се одржа на 16 март во Добој. На овој начин тој им изрази поддршка за синдикалното движење и упати честитки по повод јубилејот посакувајќи им уште многубројни јубилеји.

Грујовски подвлече дека ова е јубилеј за почит, бидејќи во исто време означува 20 години истрајна борба за подобри услови за работа и борба за подобри права на работниците вработени во управата.

 „Целта на секој синдикат се правата! Право за подобра положба на оние коишто ги застапуваме, право на достоинствена работа, право на достоинствена плата, право на подобри услови за работа, право на подобра законска регулатива, но и право на инсистирање на примена на законските прописи. Вашите и наши барања се многу слични, донекаде и исти. Вие, Синдикатот на управата на Република Српска барате измена на Законот за плати и покачување на платата, ние Синдикатот на УПОЗ баравме и добивме измени на Законот на судска служба со кои и вработените во судовите добија додатоци на плата. Барате да се воспостави Регистар на вработени во управата, а нашата држава веќе го пополнува тој Регистар со кој конечно ќе се преброиме и ќе знаеме на колку работници  егзистенцијата им зависи од буџетот на државата. Вашата власт најави реформа на јавната управа и вие барате и ќе настапите со преговарачка платформа за реформата, а ние веќе сме сред реформа на јавната администрација, исто така обидувајќи се да бидеме дел од неа со свои забелешки, сугестии и цели кои сметаме дека треба да се инкорпорираат во законските измени. Вие барате да нема отпуштања и сите работници да си ги задржат своите работни места, бараме и ние, нашата Влада да ги направи реформите без да им наштети на работниците, односно без отпуштања и без тие да останат без егзизстенција", истакна во своето пригодно обраќање пред присутните претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски.  

Тој уште додаде дека синдикалните цели и барања се речиси секаде исти и тоа е она што ги прави синдикатите посилни, затоа што во таа борба, која иако се одвива на различни страни од Балканот ги спојуваат заедничките цели.

Учеството во одбележувањето на 20-годишниот јубилеј на Синдикатот на управата на Република Српска беше можност за отворање на нови плодни соработки и договори на двата синдиката како и другите синдикати кои присуствуваа на прославата.

Овој јубилеј на Синдикатот на управата на Република Српска со своето присуство го збогатија и колегите од Синдикатот на Правосудството на Србија, Синдикат на државните службеници и другите вработени во Федерацијата Босна и Херцеговина, како и претседателот на Конфедерацијата на Синдикати на Република Српска и кои ја истакнаа важноста на синдикатот за сигурноста на работниците.