ОЗНАЧЕН ПОЧЕТОКОТ НА ПРОЕКТОТ "ПРАВАТА НА РАБОТА, РАБОТА ЗА ПРАВАТА"

На 12 декември 2018 година, во Белград, Србија, се одржа првиот состанок на проектот ,,Правата на работа, работа за правата”, на која учествуваа  претставници на повеќе синдикати од регионот меѓу кои и нашиот претставник од Синдикат на УПОЗ, односно претседателот на Секцијата на млади, Бојан Трипуноски.

На состанок беа и претставници на координаторите и партнерските организации: Ненад Ракочевиќ (Синдикатот за управа и правосудство на Црна Гора), Зоран Јовановиќ (Синдикатот на управа на Србија), Милорад Митровиќ (Синдикатот за управа на Република Српска), Кристина Смољановиќ (Универзитет во Риека - Центар за напредни студии), Синиша Черкета (Центар за образование на синдикатите), Момчило Ѓокиќ (Фондација Будва), Вилијам Михаловиќ (YouthWatch Словачка), Никола Соврлиќ, Александра Кнежевиќ, Драгана Радошевиќ и Владимир Митровиќ (Развоен центар за млади).

Целта на состанокот во Белград беше официјално започнување на проектните активности со потпишување на билатерални договори за соработка меѓу партнерите, како и детално да се продискутира за првите активности што треба да се следат.

Исто така, беше направен преглед на главните аспекти на проектот, беа разгледани главните клаузули од Договорот за грант со ЕК, како и индивидуалните договори меѓу координаторот и партнерите во проектот, но и временската рамка на проектните активности. Ова беше убава можност партнерите во проектот да се запознаат меѓусебно.

Воведно обраќање имаше претседателот на Младинската заедница, Никола Соврлиќ, а кратко се обратија и другите учесници пришто се фокусираа на организациите што ги претставуваат.

Координаторот на проектот, пак, Александра Кнежевиќ, во своето обраќање ги презентираше главните аспекти на проектот - целите на проектот и неговите главни активности коментирајќи дека овој проект е само почеток на долготрајна соработка за прашањето на работничките права на младите (со фокус на младите работници), а не како еднократна активност.

Таа ги презентираше и главните точки за Договорот за грант потпишан помеѓу ДК Младината и Европската комисија, при што посебно внимание се посветува на клаузулите поврзани со финансиските прашања, видливоста и мониторинг и евалуација на активностите.

Откако беа презентирани главните клаузули од Договорот, се премина на  потпишувањето на билатералните Договори за соработка.

На крајот, партнерите на проектот дискутираа за првата активност што треба да следи, а тоа е истражувањето кое ќе се спроведува во вклучените земји, со фокус на целната група, примерокот, прашањата за истражувањето, методолошкиот пристап во добивањето на одговорите, како и роковите во процесот.