Трета сесија на Работната група 2 - Социјалната политика и вработување во организација на Национална конвенција за европска унија во Република Македонија и УСАИД.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) Пецо Грујовски учествуваше на третата сесија на Работната група 2-Социјална политика и вработување на тема „Социјалниот дијалог во Република Македонија: Нов концепт-стари практики“ што се одржа во организација на Националната конвенција за ЕУ во Република Македонија.
Дел од препораките за унапредување на социјалниот дијалог во Република Македонија се: департизација на сите сфери за овозможување критичка позиција на синдикатот во социјалниот дијалог, јакење на репрезентативните синдикати на сите нивоа и гранки, зголемување на степенот на заштита на синдикалните организаици, зголемен ангажман на Организацијата на работодавачи на Македонија, стимулирање на култура на компромис меѓу актерите, намалување на цензусот за репрезентативност на синдикатите за пет отсто, како и вклучување на граѓански преставници и експерти во економскио-социјалниот совет.
Во дискусијата која што се разви за време на сесијата претседателот на Синдикатот ма УПОЗ Пецо Грујовски потенцираше дека со доаѓањето на новата власт е направен мал исчекор во сферата на социјалниот дијалог бидејќи во изминатите години немаше некој особено добар социјален дијалог: ,,Но, за мене тоа не е вистински социјален дијалог, бидејќи ако имате средба со работодавачот, ве сослуша и потоа не знаете кога ќе има друга средба или не добивате одговор на прашањата, тоа не е дијалог. Можам да констатирам дека исчекорот е уште мал за да може да се каже дека во јавниот сектор имаме некаков напредок на тој план”.
Грујовски уште посочи дека доколку се потпише Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, за што се преговара со министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски, ќе може да се кажа дека има поголем исчекор: ,,Уште од 1995 година не е поптпишан Колективен договор за овие вработени и затоа доколку го потпишеме Колективниот договор тоа, слободно може да се каже, ќе биде еден поголем исчекор”, рече претседателот на Синдикатот ма УПОЗ Пецо Грујовски на третата сесија на Работната група 2-Социјална политика и вработување на тема „Социјалниот дијалог во Република Македонија: Нов концепт-стари практики“.
При тоа Грујовски појасни дека има потпишани неколку колективни договори на ниво на работодавач, дека други десеттина се подготвени и чекаат на потпишување, но дека и тука рабоата споро оди.
Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија социјалниот дијалог во Македонија се движи меѓу две крајности, а тоа е, од една страна да се прави театар за да се глуми дека има социјален дијалог или со одредени активности да се направи обид да се унапреди дијалогот. Го посчи и проблемот со состојбите во синдикалното движење бидејќи како што рече тие работодавачи ги зголемиле нивните капацитети, и човечки и технички, но, за жал во овој момент немаат партнер со кој ќе преговараат бидејќи ниту еден синдикат во РМ во моментот нема утврдено репрезентативност за да потпишува колективни договори и да може да учествува во социјалниот дијалог.
Пред почетокот на дебатата за социјален дијалог во Македонија претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски одговарајќи на новинарски прашања во врска со најавата за штрајк доколку не се исполнат барањата на синдикатот рече дека верува дека многу скоро во скратена постапка ќе бидат донесени измените на Законот за судска служба и дека додатоци за плата редовно ќе примаат и судските службеници. Неговите очекувања се дека до вторник ќе се сретнат со премиерот Зоран Заев и ќе најдат решение за проблемот со судските службеници и неисплатата на средствата од штрајкот во 2016 година, бидејќи во спротивно, ќе стапат во штрајк.
,,Побаравме средба со премиерот која треба да се одржи до вторник, не со намера да го информираме, туку да седнеме, да преговараме и да најдеме заедничко решение, бидејќи во спротивно штрајкот ќе мора да се реализира. Ние од тоа не можеме да отстапиме како синдикат. Тоа го бараат членовите”, изјави Грујовски.
Тој се надева дека Владата заедно со Министерството за правда ќе најдат решение за надминување на овој проблем бидејќи нивните напори како синдикат да го решат проблемот со претседателот на Судскиот буџетски совет Зоран Караџовски не вродиле со плод и јавно од него побара да каже дали ќе потпишат Спогодба со која ќе се даде правна основа за исплата на неправедно одземените средства за време на штрајкот во 2016 година.
Средствата кои треба да им се исплатат на судските службеници се во висина од околу 350 илјади евра, а ставот на Владата и на Министерството за финансии е дека тоа не е некој трошок што не може да се покрие, но, дека треба да има правна основа: ,,Ние како синдикат најдовме таква основа преку потпишување спогодба со работодавачот, но очигледно не им одговара тоа. Европската синдикална пракса вели дека секоја спогодба меѓу работодавач и синдикат предизвикува правно дејство, но тие толкуваат на свој начин”, рече претседателот на УПОЗ Грујовски.
Сепак, отако се случило зголемувањето на платите и додатоците на платите за судиите, со одлука на Судскиот буџетски совет, според него, социјалниот дијалог, малку се придвижил, и оваа состојба придонела Министерството за правада да ја сфати посериозно работата.