ДАЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДСКИОТ БУЏЕТСКИ СОВЕТ Е РАБОТОДАВАЧ НА СУДСКАТА СЛУЖБА?

Синдикатот на УПОЗ со писмо се обрат и до претседателот на Судскиот буџетски совет Зоран Караџовски да одговори кој е работодавач на вработените во судската служба. Неговите постпаки се збунувачки. За време на штрајкот во 2016 година тој беше работодвач и со наредба ги казни вработените штрајкувачи. Сега кога тие бараат да оставрат право од работен однос - јубилејни награди, тој вели дека не е работодавач.

 Во натамошниот текст ви го пренесуваме во целост писмото испратено.

"Синдикатот на УПОЗ од неговите членови, вработени во Судската служба, е информирана за Вашиот одговор во врска со нивните барања за исплата на јубилејните награди.

Во одговорот кој сте го испратиле, меѓу другото велите дека Судскиот буџетски совет не е надлежен да одлучува по барања на судските службеници за стекнување на права од работен однос, со оглед дека Судскиот буџетски совет не е работодавач на вработените кои поднеле барање за добивање на јубилејната награда.

Доколку Судскиот буџетски совет односно Вие како негов претседател не сте работодавач на судската служба се поставува прашањето, во кое својство и од која позиција за време на штрајкот на Судската служба во 2016 година им наложивте на претседателите на судовите со наредба, да им задржат 40% од платата, иако таа постапка во Законот е уредена на сосема поинаков начин.

Зошто со таквиот гест овозможивте нееднаков третман на вработените во судовите знаејќи дека во одделени судови, каде исто така вработените во судската служба штрајкуваа, не им беше задржан дел од платата? Нели чувствувате некаква, барем морална, ако не друга одговорност? Дали тогаш бевте и се однесувавте како работодавач а сега кога вработените бараат некое свое право, не сте работодавач? Или сметате дека зависно од потребите и некакви други интереси вие еднаш сте, а друг пат не сте работодавач.

На крај, доколку стоите на ставот дека не сте работодавач на вработените во судската служба, Ве прашуваме, како искусен правник - КОЈ Е РАБОТОДАВАЧ на вработените во судската служба? Ова е од причини што Синдикатот на УПОЗ сака да отпочне активности за потпишување на колективниот договор за вработените во судовите."