Денес со задоволство го најавуваме започнувањето на новиот Европски проект насловен Trade Union – New voice for louder youth, чија цел е да создаде нова генерација млади синдикални лидери и да им обезбеди алатки за активно учество во креирањето на поправедно, порамноправно и одржливо општество.
Младите се носители на промените, но многумина од нив сè уште немаат доволно знаење, вештини и можности за целосно вклучување во овие процеси. Токму затоа, во наредните 24 месеци, Синдикатот на УПОЗ како координатор а преку партнерство на 11 организации од младинскиот, синдикалниот, образовниот и истражувачкиот сектор од 7 европски земји, ќе работиме на надминување на овој јаз.
Проектот има јасна мисија — да ги оспособи младите синдикални членови да станат активни учесници во донесувањето одлуки, и во синдикатите и во општеството.
А во таа насока, поставени се три клучни цели:
1. Подобрување на младинското учество во синдикатите
– преку истражување за потребите на младите,
– формирање експертска група,
– и воспоставување и тестирање на структурирана образовна програма преку синдикалните академии.
2. Зајакнување на прекуграничната соработка и мрежата на млади синдикални активисти
Во почетната фаза, директно ќе бидат вклучени 7 синдикати и повеќе од 200 млади активисти, со цел создавање единствена европска платформа за размена на знаења и искуства.
3. Подигнување на видливоста и атрактивноста на синдикатите кај младите
– преку модернизација на комуникациските стратегии,
– користење дигитални алатки,
– и силна медиумска кампања која се очекува да допре до најмалку 700.000 граѓани.
Во рамките на проектот ќе се спроведат повеќе активности:
истражување за потребите на младите во синдикатите; развој на универзална образовна програма; имплементација на една заедничка и шест национални синдикални академии; развој на интерактивна веб-платформа; средби со Европската федерација на синдикати на јавните служби (EPSU) за институционализација на програмата; како и сеопфатна онлајн кампања за подобра видливост на синдикатите во заедницата.
Со овој проект, испраќаме силна порака дека младите се не само иднината, туку и сегашноста на синдикалното движење.