ЌЕ СЕ ЗАЛАГАМЕ ЗА СИГУРНИ РАБОТНИ МЕСТА

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjoвски учествуваше на јавната расправа за Предлог законот за инспекциски надзор каде што пред почетокот даде изјава во врска со најавите на Владата на Република Македонија за реформите во администрацијата и за најавите дека на крајот на следната година ќе има понуда до дел од вработените во администрацијата да заминат во приватниот сектор.

При тоа тој рече дека во поглед на изјавите околу наводниот вишок на јавната администрација како Синдикат се малку затекнати бидејќи во првичните преговори со Владата и од јавните изјави на ресорниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски  и на премиерот на Владата на РМ Зоран Заев им било кажано дека ниту еден јавен службеник од јавната администрација нема да биде отпуштен од работа.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Грујовски рече нема информации дека некој од членството сака да премине во реалниот сектор и потенцираше: ,,Ќе бидеме во тек со овој процес и се надевам дека ќе имаме коректни разговори со ресорното Министерство бидејќи искуствата покажуваат оти реформите на јавната администрација се прават повеќе години и во исклучителна соработка со  Синдикатот. За нас како Синдикат и она што можеме да влијаеме е првин да се избориме за правата на нашите членови а потоа и за секој вработен да има социјална сигурност, односно да го задржи работното место”, изјави Грујовски.

Тој нема сознанија дали администрацијата е преобемна, но, како што рече, во секојдневното работење се соочиле со укажувања од членството дека четири шалтери опслужуваат по 2000 граѓани. Дали при ова можеме да зборуваме за неажурна администрација?

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ се осврна и на тековните преговори во врска со потпишувањето на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи и рече: ,,Имаме коректни  преговори досега во поглед на потпишување на колективниот договор и се надевам дека во натамошната постапка околу вишокот работници ќе бидеме вклучени, но како Синдикат во однос на натамошните активности ќе се залагаме членовите на Синдикатот да ги зачуваат своите работни места. Со сите законски решенија кои ќе се нудат се залагаме за подобри права на административните службеници, дури и за оние кои не се членови ќе се заложиме за нивна социјална сигурност или задржување на работното место ако не во таа институција во некоја соодветна”, изјави Грујовски.  

Од друга страна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски го повтори ставот дека во администрацијата има превработеност, но и недостаток од професионален кадар и дека за тоа ќе мора да се најде решение. Рече дека на крајот на следната година ќе им се понуди на дел од вработените во администрацијата да заминат во приватниот сектор, а тоа ќе биде доброволно за тие што ќе ги прифатат критериумите. Најави поголеми плати, но и повеќе работа. Според него администрацијата мора да стане ефикасна служба на граѓаните и дека тоа може да се направи со дигитализација на процесите и со реорганизација.