Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), реагира на висината на најавеното зголемување на платите во јавната администрација бидејќи истото во ниту еден случај не може да ја подобри материјалната и социјално - економската положба на вработените во администрацијата и правосудството.
Разочарувачки е да се каже, но скоро 70% од вработените во државната администрација и правосудство примаат плата која е под просекот на државата. Моменталната нето плата на вработен во државна администрација со 25 години стаж во работењето и високо образование се движи од 20.000,00 денари до 22.000,00 денари. Дури и со зголемување на платите од 5% повторно процентот на вработени во државната администрација и правосудство кои имаат примања под републичкиот просек ќе биде огромен.
Последното зголемување на платите во државната администрација беше во 2014 година, а сите други додатоци и надоместоци на плата се замрзнаа со мерките на штедење воведени во 2008 година, и со фамозниот Закон за извршување на буџет кој не дозволува исплата на ниту едно право кое го имаат вработените во администрацијата и правосудството.
Во изминатиот период бевме сведоци на исплата на огромни средства на име патни трошоци на пратениците во Собранието на Р. Македонија кои достигнуваа и до 12.000,00 евра за 6 месеци, а кога вработените во администрацијата се упатуваат на извршување на работни задачи надвор од местото на работење не само што не им се исплаќаат патни трошоци туку користат сопствени возила, самите ги плаќаат трошоците за пат и гориво, не им се исплаќаат прекувремени часови, а на крај не им се надоместуваат трошоците за службените патувања.
Во буџетот за 2019 година, предвидени се 50 милиони евра за покривање на дупките во буџетите на општините направени од не домаќинско работење на градоначалниците, во судскиот буџет редовно остануваат не искористени средства, но кога ќе стане збор за реално покачување на платите на вработените секогаш одговорот е дека Буџетот нема доволно средства.
Во текот на вчерашната презентацијата на Буџетот, Министерот за финансии истакна дека администрацијата ќе биде клучен носител на преговорите за приклучување кон НАТО и ЕУ, а ние прашуваме како ќе се мотивира администрацијата која има месечни примања далеку помали од Синдикалната минимална кошница која за месец октомври 2018 година изнесува 32.507,00 денари, да биде клучен носител на пристапните преговори?
Синдикатот на УПОЗ е подготвен да преговара за измени во политиката и системот за пресметка и исплата на плати во државната администрација со кој конечно би се исплаќале реални плати на вработените, а воедно би се зајакнала и нивната материјална и социјално - економска состојба.
Се дотогаш ваквите покачувања со одложена примена и кои во ниту еден случај нема да ја подобрат материјалната состојба на вработените нема да допринесат кон ништо друго освен кон зголемување на незадоволството на вработените.