ГОДИШЕН СОСТАНОК НА СИНДИКАТОТ НА УПОЗ: ФИНАЛИЗИРАЊЕ НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА НОВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА АДМИНИСТРАТИВНИТЕ И СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ

На конференцијата на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ која се одржа на 06.11.2018 година и на која учествуваа Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и Министерот за прада Проф. д-р Рената Дескоска и нејзиниот заменик Оливер Ристоски главна тема на расправа беа неколку прашањапотпишување на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, зголемување на платите на административните и вработените во правосудството (судски службеници, јавно - обвинителски службеници и вработените во КПУ и ВПУ)  и другите вработени во јавната администрација, Измени на Законот за судска служба во делот на додатоците на плата и нивна исплата, враќање на незаконски одземените плати на судските службеници за време на штрајкот во 2016 година, исплата на додатоците на плата на јавно обинителските службеници и уште многу други прашања значајни за правата од работен однос за членовите на Синдикатот на УПОЗ.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) го одржа годишниот состанок на кој учествуваа сите претседатели на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, како и претставници на членовите на Советот на ССМ од Синдикатот на УПОЗ, Надзорниот одбор, Статутарната комисија, Секцијата на млади и Секцијата на жени.

Учество во работата на годишниот состанок зедоа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, минстерката за правда Рената Дескоска Тренеска и заменик-министерот за правда Оливер Ристовски.

Главен акцент на расправата беа актуелните проблеми на членовите на Синдикатот на УПОЗ во остварувањето на правата од работен однос, како и активностите околу потпишувањето на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, односно финализирање на активностите за негово потпишување. 

Преговорите за потпишување на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи меѓу претставниците на Владата и Синдикатот на УПОЗ почнаа кон крајот на август кога беше одржана и првата работна средба на која беше утврдена динамиката со која работните групи од двете страни почнаа да ги усогласуваат евентуалните разлики во Предлог - текстот на Колективниот договор .

Синдикатот на УПОЗ очекува во најскоро време да се потпише Колективниот договор и доколку се потпише тој ќе биде прв Грански колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи после 1995 година. Во него е предвидено да се добијат поголеми права од оние кои се предвидени во законите.

Во таа насока, претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски истакна дека: она што е важно за Синдикатот е тоа што овој Колективен договор ќе ги уреди и унапреди правата на вработените и што е најважно ќе ги опфати и вработените во правосудството.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо грујовски исто така истекна дека: „ Со ваквиот социјален дијалог, се создава можност да ги регулираме најбитните права за вработените, штрајковите и протестите да ги замениме со дијалог и преговори за конечно може да се работи во мирна атмосфера. Се отвара можност да ги зголемиме платите, да се изменат посебните закони за службениците во администрацијата и правосудството или да се донесат новиа во Законот за судска служба да се регулира делот на додатоците на плата што до овој момент ги немаа единствено судските службеници”.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека потпишувањето на Колективниот договор е значајно и за нив. Потенцираше дека претставници од министерствата за јавна администрација и информатичко општество, за правда, за финансии и за труд и социјална политика, се дел од работната група. Тие заедно со претставниците на Синдикатот разговараат за конкретни решенија и потпишување на нов Колективен договор.

Пред претставнивците на Синдикатот на УПОЗ, министерот Манчевски ги информираше присутните дека работните групи усогласиле некои одредби во Колективниот договор како што се деновите на платено отсуство заради лични и семејни потреби и тоа до седум работни дена во годината и правото на неплатено отсуство. Во институциите каде што има синдикална организација, на претставникот да му биде овозможено да биде дел од функционалната анализа на самата институција, а исто така се утврдил и надоместокот на трошок поврзан со работата и други прашања.  

Лично тој очекува  Колективниот договор наскоро да биде потпишан: ,,Јас сум оптимист и се надевам дека до крајот на оваа година да го потпишеме и да се обидеме да ги задоволиме барањата на Синдикатот. Се разбира, не може се, за некои работи разговаравме и ќе разговараме, за некои се разбравме за некои се критикуваме и така треба да биде”, подвлече Манчевски.

На овој состанок министерот ги информираше присутните членови на Синдикатот и за реформите предвидени во администрацијата за следната година, со цел да се заведе ред во  институциите, но и да се воведе високо административна служба за да се спречи политизацијата на јавната администрација.

Министерот Манчевски пред претседателите на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ најави дека се водат разговори за зголемување на платите во администрацијата кои за кратко време ќе бидат соопштени. Тој потврди дека во буџетот за следната година се предвидени средства за зголемување на плати во администрацијата.

На состанок министерката за правда Рената Дескоска Тренеска потенцираше дека Владата е отворена за социјален дијалог со синдикатите и со сите оние кои се за подобрување на правата на вработените при што рече„Паралелно со дијалогот за колективен договор имаме и законодавни процеси кои се одвиваат. Во делот на измената на Законот за судска служба, разговаравме за одредени можни решенија со претставниците на УПОЗ и наредниот период ќе бидат донесени измени во Законот за судска служба во делот на додатоците на плата, и истите, да се исплаќаат. Истото се однесува и за јавно - обвинителските службеници.

Исто така, таа информираше дека на ЕНЕР е објавен Законот за извршување на санкции, на кој процес му претходел дијалог со Синдикатот. Таа најави и зглоемување на платите во рамките и на правосудните органи, и се очекува позитивна одлука во Владата во однос на овие прашања: „Буџетот за судството за следната година ќе биде поголем од оваа година. Се надевам дека ќе овозможиме реализација на овие средства“, рече министерката.

На крајот од расправата претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски заклучи дека: „Остануваат отворени неколку прашања кои се однесуваат на барањата на Синдикатот, но важно е дека после долго време имаме Влада која е спремна да ги чуе нашите барања и заеднички да изнајдеме решение за сите проблеми, да имаме социјален дијалог и да потпишуваме колективни договори. Без конкретни резулатти социјалнот дијалог не би го добил вистинското значење. 

На состанокот се посвети внимание и на проблемот со враќање на платите што им беа незаконски одземени на судските работници за време на штрајкот во 2016 година. Во таа насока, заменик-министерот за правда Ристовски потенцираше дека за решавање на прашањето со одземените плати на судските службеници, наредната недела ќе се одржи средба на која ќе се изнајде можно решение како да се вратат овие пари, со цел да се спречи истите да се наплатат по судски пат и со тоа да биде оштетен и Буџетот на РМ. Притоа тој потенцираше дека Министерство за правда не е директно надлежно за враќање на тие средства, туку тоа е Судскиот буџетски совет.

На состанокот се отворија и други прашања значајни и поврзани со работата на синдикалните организации, формирање на нови синдикални организации, придобивање на нови членови и слично.