На барање на Синдикатот на УПОЗ, вчера 10.02.2021 година, во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација се одржа работен состанок меѓу претставниците на Синдикатот и Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) Јетон Шаќири, на кои се разговараше за прашања кои се од исклучително значење за административните службеници и Синдикатот. На овој состанок, Синдикатот го преставуваа, Претседателот Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски и членовите на Одборот за административни службеници Зоран Георгиевски и Александар Диље.
Иако 2020 година е веќе зад нас, некои прашања и натаму остануваат отворени во однос на доследна примена на Гранскиот колективен договор. На оваа средба, од страна на Синдикатот на УПОЗ беше побарано, истиот доследно да се применува од двете страни, затоа што колективниот договор е облигаторен однос меѓу двата социјални партнери и мора да се почитува. Она на што сакаме да укажеме е дека, најголем проблем во овој момент неисплатата на регресот за годишен одмор за 2020 година, а потоа неучеството на претставниците на Синдикатот во креирање на буџетот кај работодавачот, неисплатените дневници за службени патувања за 2020 година итн.
Од страна на Министерот Јетон Шаќири, бевме известени дека регресот за годишен одмор за 2021 година и дневниците за службени патувања ќе се рализираат, а во однос на учеството на претставници на Синдикатот во креирање на буџетот во делот за администрацијата можеме да бидеме само информирани од Министерството за финансии. На ова мислење претставниците на Синдикатот се спротиставија со објаснување дека и во делот на Буџетот, Синдикатот треба да има активна улога. Во спротивно, непотребна би била одредбата во членот 15 точка 3 “Синдикалниот претставник учествува во процесот на подготовка на буџетот на работодавачот”.
Со оглед што и на оваа средба толкувањата на МИОА и Синдикатот во поглед на исплатата на регресот за годишен одмор за 2020 година беа спротиставени, Синдикатот побара да се одржи работна средба на која ќе присуствуваат Претседателот на Владата на РСМ, Министерот за финансии, Министерот за информатичко општество и администрација и претставниците на Синдикатот, со цел да се затворат отворените прашања и толкувањето на МИОА - односно Владата на РСМ.
На оваа средба, исто така стана збор и за некоклу други прашања кои се однесуваат за вработените во државната администрација. Имено на последната средба на 26 Ноември 2020 година, бевме информирани дека се подготвува нов Закон за административни службеници но до денес истиот не е доставен до Синдикатот. Од страна на претставниците на МИОА, бевме информирани дека е подготвен текст на сосема нов закон, и дека истиот наредната недела ќе биде објавен на Електронскиот национален регистар на прописите на РСМ (ЕНЕР), а по истиот ќе бидат одржани и неколку јавни расправи.
Во однос на пренесување на правото на додаток за степен на кариера при унапредување, Синдикатот на УПОЗ и МИОА имаа различни ставови. Синдикатот на УПОЗ по ова прашање смета дека вработените ова право го има стекнато односно ова право го стекнува вработениот, а не нивото на кое работел, па од тие причини не гледа зошто ова право се губи при унапредување на работните места. Доколку и натаму се продолжи при унапредувањето да се губи степенот на кариера, за кое Синдикатот смета дека е стекнато право, ова право секој вработен кој ќе биде унапреден и ќе му се одземе степенот на кариера, ќе мора ова да го оствари по судски пат.
На крајот од оваа средба, Претседателот Пецо Грујовски го постави прашањето за зголемувањето на платите во државната админситрација. Имено ова барање, Синдикатот на УПОЗ уште пред една година веќе го има доставено до Владата на РСМ, и тоа беше проследено до МИОА и Министерството за правда за што до денес немаме одговор од овие министерства. Синдикатот на УПОЗ смета дека околу 90% од вработените во државната администарција имаат плата под републичкиот просек, заради што е неопходно нивно зголемување. Затоа предлог на Синдикатот е висината на бодот (кој во овој момент е 81.1 денар) да остане на ова ниво и платите месечно да се усогласуваат со порастот на просечната плата во државата. Од страна на Министерот Јетон Шаќири, беше побарано повторно овој предлог да биде доставен до МИОА, со цел заеднички да изнајдеме решение за зголемување на платите во државната администрација.