Во врска со Одлуката на Судскиот буџетски совет од 28.09.2020 година, Синдикатот на УПОЗ денеска достави писмена реакција и барање за ист третман на вработените во судовите.
До Синдикатот на УПОЗ, во текот на вчерашниот ден пристигна информација дека Судскиот буџетски совет со одлука бр. 02-1015/6 од 28.09.2020 година, обезбедил средства за додатоци на плата за месец септември за судиите, членовите на Судскиот совет и за судските службеници.
Во членот 2 од Одлуката е наведено дека судиите и членовите на Судскиот совет ќе добијат до 35% додатоци на плата, а судските службеници до 25%, а повторно во одлуката не се наведени судските полицајци и помошно – техничкиот персонал.
Прашуваме, до кога вие како највисок орган на Судската власт ќе носите дискриминаторски и противзаконски одлуки со кои само се создава незадоволство меѓу вработените? Како е можно членовите на Судскиот совет за кои не се предвидени додатоци на плата во законот да добијат додатоци на плата во висина до 35%, а за судските полицајци и помошно – техничкиот персонал кои имаат најниски плати во судовите да не се предвидат никакви додатоци? Дали судските службеници (стручни соработници, шалтерски работници, курири, итн.) не се доволно вредни да добијат идентичен износ на додатоци со судиите или некој намерно повторно сака да предизвика незадоволство меѓу вработените во судовите за да судската служба својот револт го искаже преку штрајк?
Максималниот износ на додатоци кои ќе го добијат судиите и членовите на Судскиот совет со оваа Одлука на просечна плата од 61.500,00 денари ќе изнесува 21.525,00 денари, а максималниот износ на додатоци за судските службеници на просечна плата од 18.000,00 денари 4.500,00 денари.
Бидејќи Судскиот буџетски совет постапува спротивно на Одлуката на Уставниот Суд на Р. Македонија У.бр.49/2019 од 12.05.2020 година, и од февруари месец до денес не се исплатени додатоци на плата на судските службеници, бараме Судскиот буџетски совет да се донесе Одлука со која ќе се исплатат и овие заостанати додатоци на плата за судските службеници, судската полиција и помошно – техничкиот персонал.