Согласно одредбите на Гранскиот колективен договор, Синдикатот на УПОЗ се обрати до Судскиот буџетски совет да одобри средства за синдикална активност која е од заеднички интерес - учество на предавања за примена на колективните договори. Одговорот е смешен. Судскиот буџетски совет очигледно смета дека во тој буџет мора да има пари само за судиите. Само неколку дена по негативниот одговор, Судскиот буџетски совет носи Одлука со која обезбедува средства за додатоци на плата?
Во врска со одржувањето на Синдикалната школа на Синдикатот на УПОЗ оваа година, согласно член 32 од Гранскиот колективен договор кој гласи “Работодавчот може да учествува во трошоците на организирање за едукација и обука, културни манифестации и спортски игри и средби”, Синдикатот на УПОЗ и синдикалните организации се обратија до работодавачите да обезбедат финансиски средства. Во организациите на управата и локалната самоуправа, мнозинството работодавачи го прифатија барањето на Синдикатот и одоборија средства за учество на синдикалната школа. Но единствено Судскиот буџетски совет, негативно одговори на барањето на Синдикатот со образложение “Поради настанатата состојба предизвикана од пандемијата на вирусот Ковид - 19, од Судскиот буџет не може да се обезбедат средства за бараната намера”.
Повеќе од очигледно е дека Судскуиот буџетски совет на чело со претседателот Киро Здравев, несериозно пристапуваат на барањата на Синдикатот. Ова од причина што Синдикатот со вакво барање се обрати уште во март и не доби никаков одговор. На нашето повторно барање, го добивме овој одговор што покажува дека Судскиот буџетски совет, нуди смешно образложение кое е апсолутно неприфатливо за Синдикатот. Ова уште повеќе што на седницата од 28.09.2020 година, Судскиот буџетски совет донел Одлука за обезбедување на средства за исплата на додатоци на плата за месец септември 2020 година. Се прашуваме, како одеднаш Судскиот буџетски совет најде средства за оваа намена. За Синдикатот на УПОЗ ова е уште една потврда за двојниот аршин на Судскиот буџетски совет, спрема судските службеници и другите вработени во судовите.
Денес, Синдикатот на УПОЗ писмено реагираше и укажа дека сме крајно изненадени и разочарани од ваквиот одговор, кој го сфаќаме единствено како несериозен пристап кон статутот на вработените во Судската служба. Ова, затоа што, како што веќе беше известен во месец март Судскиот буџетски совет, тема на синдикалната школа за која баравме да не поддржат е Гранскиот колективен договор и неговата примена. Имајќи во предвид дека после долги и мачни преговори, кои се одолговлекуваа со години, па и со децении, успеавме да потпишеме Грански колективен договор, со кој се опфатени и вработените во Судската служба, сметаме и се уште сметаме, дека присуството на поголем број учесници е еднакво важно и за Синдикатот, но и за работодавачите. Ова особено ако се има предвид фактот дека во изминатиот период, токму вработените во Судската служба, најмногу штрајкуваа, штрајкови предизвикани од лошите законски решенија, кои го регулираат нивниот статус.
Синдикатот на УПОЗ бара коректна соработка како социјални партнери, бидејќи заедничка цел ни е мотивирана Судска служба, која само така би била ефикасна и ефективна и нема да биде доведена во состојби како во минатото, своите права да ги бара по судски пат, а незадоволството да го изразува преку штрајкови. Затоа како социјален партнер, бараме во иднина од Судскиот буџетски совет да бидеме посериозно сфатени а кон нашите барања и предлози да постапува и навреме да не информира, со цел активно да бидеме вклучени, кога ќе се расправа за прашања кои се однесуваат на вработените во Судската служба.