КОНЕЧНО ПОТПИШАН ГРАНСКИОТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР

Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација конечно ставија потпис на Гранскиот колективен договор на органите на државната управа, стручни служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондовите и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија

Историски ден за вработените во органите на државната управа и за Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ - УПОЗ. Конечно после долги и исцрпувачки преговори ставен е потписот на најважниот документ за административните службеници, Гранскиот колективен договор. После 25 години новиот колективен договор го виде светлото на денот. Ова е прв Грански колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата после 1995 година, а во него се вградени повеќе права кои на државните службеници со години наназад им беа ускратувани.

“Колективниот договор не смее да се гледа само како придобивка преку регрес за годишен одмор. Тој утврдува и други поголеми права за вработените а тоа се учество во изготвувањето на правилниците за внатрешан организација и систематиазција на работните места, учеството на претставникот на Синдикатот на УПОЗ во процесот на спроведување на вертикалната функционална анализа, флексибилното работно време и зголемени права во платените отсуства.  Се договоривме за фиксен износ на к-15 од најмалку 9.000 денари, но износот може да биде поголем, како што веќе се прави во некои општини. Исто така е вратено правото на дневниците за патување во земјава со цел да се надоместат на вработените кои одат на службен пат. Во овој колективен договор вградени се и поголеми права за платените отсуства за склучување на брак - пет работни дена, за раѓање и посвојување деца - три работни дена, полагање на правосуден испит, магистратура или докторат - три работни дена  итн. Гранскиот колективен договор е со важност од две години, но секако, во меѓувреме со анекс може да се извршат какви било интервенции” рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски пред потпишување на Гранскиот колективен договор.

Тој содржи десет глави со кој се уредуваат правата, обврските и одговорностите и други прашања во врска со работниот однос на вработените во органи на државна управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено - поправните и воспитно - поправните установи, државните правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондови и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија. Не се однесува на вработените во областа на безбедноста, одбраната и разузнавањето, здравство, образование и наука, култура, труд и заштита на децата, јавно информирање, комунални и други дејности заради кои се основани јавните претпријатија.

Овој колективен договор е задолжителен и ги обврзува работодавачот и вработените за негова непосредна примена. Со него се уредуваат поголеми и поповолни права од правата предвидени со Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за работните односи, Законот за судска служба, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за извршување на санкциите, Законот за пожарникарство, други закони и Општиот колективен договор за јавниот сектор кои не се предвидени со наведените акти, ако тоа не е спротивно со закон. Со самото тоа одредбите во овој колективен договор со кои се утврдени помали или понеповолни права од правата утврдени со законите и актите се ништовни.