ПРВА РАБОТИЛНИЦА ОД ПРОЕКТОТ “ПОДИГНИ ЈА СВОЈАТА СВЕСТ, ПРИЈАВИ КОРУПЦИЈА, БИДИ ОДГОВОРЕН”

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) во Штип ја одржа првата работилница од проектот „Подигни ја својата свест, пријави корупција, биди одговорен”, поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД

Вчера (29 јануари) во Штип се одржа првата работилница од серијата планирани работилници на тема „ПОДИГНИ ЈА СВОЈАТА СВЕСТ, ПРИЈАВИ КОРУПЦИЈА, БИДИ ОДГОВОРЕН” која има за цел да информира и да охрабри пријавување на секаков вид корупција бидејќи само со свесност за нејзино постоење и пријавување таа може да се искорени.

На оваа работилница, која се организираше во Источниот плански регион, учество зедоа повеќе од 40 членови на Синдикатот на УПОЗ од 12 синдикални организации.

Во првиот дел од работилницата, учесниците беа запознаени со корупцијата и судирот на интереси, односно со начини на нивно дефинирање и препознавање. За таа цел, од страна на Синдикатот на УПОЗ ангажирани беа експерти, кои низ практични примери и дискусија со учесниците успеаја да им ја приближат темата на учесниците на оваа работилница.

Во вториот дел од работилницата беа претставени механизмите за заштита при пријавување на корупцијата и судирот на интереси, каде беа презентирани законските заштитни механизми. Во дискусијата се констатираше дека во ниту една од институциите во кои учесниците работат нема определена личност кај која може да се пријави корупција.

По завршување на вториот дел од работилницата, низ практични примери и предизвици се разви дискусија при што оваа тема се покажа како мошне интересна.

Следната работилница ќе се одржи на 12 февруари во Североисточниот плански регион, а град домаќин ќе биде Куманово, по што ќе следат работилници и во Струмица, Скопје, Гостивар, Велес, Охрид и Битола.